05.01.2012, 15:28 Телеграми на сочуство од Наполитано и Вестервеле

Претседателот на Италија, Џорџо Наполитано упати телеграма со сочувство по повод смртта на првиот претседател на Македонија Киро Глигоров.
„Со силна болка ја примив веста за големата жалост што ја погоди Република Македонија, со смртта на првиот претседател, Киро Глигоров. Во духот на големото и искрено пријателство кое ги поврзува нашите земји и во сеќавање на заложбата на Киро Глигоров како прв претседател на независна Македонија - која тој успеа да ја одржи далеку од ужасното насилство кое се разви во поранешна Југославија, ве молам да ги примите, во мое лично име и во име на целиот италијански народ, изразите на најискрено сочуство“, се вели во телеграмата штоја објави Амбасадата на Италија во Скопје.
Телеграма со сочуство вчера упати и министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија Гидо Вестервеле.
- Претседателот Глигоров има големи заслуги за патот на Вашата земја во независноста и даде значаен придонес за нејзиниот мирен развој во првата декада на независноста. Благодарение на неговиот личен висок углед тој на меѓународното значење на македонската држава му даде свое обележје. Киро Глигоров високо е ценет во Германија. За време на неговото долго претседателство беа положени темелите за добрите и плодни германско-македонски односи во полза на двете земји. Вашата земја изгуби значаен политичар, загуба која од многу луѓе внатре и надвор од земјата се почувствува како многу болна. Ве уверувам дека на споменот на претседателот Глигоров и во Германија ќе се оддава високо почитување“, се вели во телеграмата што ја објави Амбасадата на Германија во Скопје.
|