29.12.2011, 14:46 Стартуваа градежните зафати за „Скендер-бег“
Издадена е градежната дозвола и почнати се првите активности за предвидениот плоштад околу албанскиот војсководец
Само неколку недели откако градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, и директорот на домашното претставништво на Австријците „Интернешнл инвестмент груп“ Љубомир Петков го потпишаа договорот за изградба на првата фаза од плоштадот на Скендер-бег, на теренот се забележуваат и првите градежни активности. За плоштадот, чија прва фаза од изградбата ќе чини 2,5 милиони владини евра и според многумина е своевиден баланс на проектот „Скопје 2014“, веќе е издадена градежна дозвола.
Од Општина Чаир соопштуваат дека првата фаза го опфаќа само безистенскиот дел, односно просторот над дуќаните на улица „Караџиска“. „Покривањето на булеварот е втора, додека подземниот паркинг и делот пред Тетовскиот државен универзитет е трета фаза. Моментално се работи на комплетирање на документацијата за втората и третата фаза“, информираат од општинарите од Чаир и додаваат дека за изведба на првата фаза на меѓународен тендер е избрана фирмата „Интернешнл инвестмент груп“, а е поддржана од австриската „Алпине“.
Ина��у, уште претходно беше најавено дека првиот дел од изградбата ќе значи поплочување на делот околу споменикот и постојниот паркинг. Плоштадската површина треба да се изведе се' до стоковната куќа „Мост“, а привремените дуќани што се наоѓаат на потегот ќе влезат во безистенското решение, со што плоштадот ќе добие соодветна нивелација. (Б.Ш.)
|