18.01.2012, 13:04 Патниците на „Бритиш Ервејз“ биле известени дека авионот паѓа
Патниците на авионот на британската компанија „Бритиш Ервејз“ (БА) биле известени од автоматот со снимени пораки во вонредни ситуации, да се подготват за паѓање на леталото, поради техничка грешка, јави дописникот на МИА од Лондон.
Ваквото соопштение емитувано за време на ноќниот лет на БА од Мајами во САД, за лондонскиот аеродром Хитроу, предизвикало шок во патничката кабина и паника меѓу патниците, уште кога им било речено дека ќе мора принудно да се спушти во вода.
Со авионот меѓутоа ништо не се случувало, затоа што станувало збор за техничка грешка во системот за информирање, кој е програмиран автоматски да се вклучи во кризни ситуации на авионот. Членовите на екипажот се обиделе да ги смируваат преплашените патници, уверувајќи дека нема никаква закана за паѓање на леталото.
Патниците сепак останале исплашени и недоверливи се до крајот на летот, а кога авионот слетал во Лондон им се пожалиле на претставниците на „Бритиш Ервејз“. Патниците се пожалиле дека лажното предупредување ги држело во страв во текот на целото патување, но тие останале незадоволни и затоа што ниту стјуардесите, а ниту капетанот на летот не се обиделе да им објаснат што всусност се случува.
Целото смирување се состоело од објаснувањето да ја игнорираат пораката што ја емитувал автоматот во авионот. БА подоцна им се извини со писмо до секој од патниците на летот Мајами-Лондон, но компанијата и воздухопловните власти отворија истрага за овој инцидент.
|