29.12.2011, 15:29 По Нова година, тужби за хеликоптерската несреќа
Семејствата на загинатите мировници се задоволни од средбата со армискиот врв.
Семејствата на загинатите мировници кај катлановско Блаце ќе поднесат кривични пријави против неколкумина одговорни лица во Армијата, кои според нив се директно инволвирани и треба да понесат командна одговорност за смртта на 11-те војници. Сузана Стојановска, сестра на загинатиот пилот Бране Спасовски од Куманово, вели дека тужбите ќе бидат поднесени по 15 јануари, откако ќе биде одбележана четиригодишнината од кобната несреќа кај Блаце.
„По празниците ќе бараме и средба со претседателот Ѓорге Иванов, како врховен командант со цел да го слушнеме неговото мислење околу одлуката на обвинителството да не побара кривична одговорност за загинувањето на нашите најмили“, вели Стојановска. Минатата недела јавниот обвинител Љупчо Шврговски го презентираше извештајот на странскиот експерт Едвар Пули за причините за несреќата, лоцирајќи ја вината кај недоволната обученост на пилотите за инструментално летање во отежнати временски услови. Роднините на загинатите бурно реагираа што вината се префрла на плеќ��те на загинатите, кои не можат да се бранат.
Тие денеска претпладне имаа средба со министерот за одбрана Фатмир Бесими и со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески. Тие првично се задоволни од разговорите со армискиот врв, особено со ветувањето што го добиле дека МО и Генералштабот ќе им излезат во пресрет на нивните барања и дека ќе им помогнат во напорите вистината за несреќата да излезе на виделина.
„Задоволни сме од средбата, понатаму ќе видиме што ќе произлезе од неа. Обвинителството го кажа своето, но сега очекуваме да биде поведена некоја интерна постапка во Армијата и да бидат казнети оние кои се одговорни за несреќата“, велат претставници на семејствата.
На средбата со првите луѓе на одбраната и на армијата, роднините на загинатите биле известени дека се' уште не го добиле извештајот од обвинителството, во кое се наведени причините за падот на „МИ-17“.
„На средбата тие не сакаа да ја коментираат одлуката на обвинителството, бидејќи се' уште официјално не го добиле документот“, објаснува Стојановска. Таа вели дека и' е мака што надлежните не се оградиле од тврдењето дека војниците биле неспособни за завршување на задачата што ја добиле. „Понижени се и нашите најмили кои повеќе ги нема, нивните семејства, но и државата во чие име тие учествуваа во воените мисии надвор од земјава. Зборот „неспособен“ е многу тежок, вели револтирано сестрата на загинатиот пилот од Куманово. (Д.Т.)
|