03.01.2012, 13:31 (ФОТО) Киро Глигоров погребан во Алејата на великаните
Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија, погребен е денеска во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел.
ФОТО: Петр Стојановски
Од Глигоров во капелата се простија претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, началикот на ГШ на АРМ Горанчо Котески, претставници на дипломатскиот кор, високи актуелни и поранешни политички и јавни личности, академици, претставници на Сојузот на борците и на други невладини организации.
Согласно неговата последна желба, одржана е граѓанска погребна церемонија без државнички и црковни почести. Во поворката која го испрати до неговото вечно почивалиште беа неговото најтесно семејство, роднини и пријатели, соработници, претставници и пратеници од СДСМ предводени од лидерот на партијата Бранко Црвенковски, како и претставници на други политички партии.
Претходно, се одржаа комеморации во Собранието на Република Македонија и во седиштето на СДСМ.
Во претседателската вила „Водно“ е отворена книга на жал��ст во која први се запишаа претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и претседателот на Владата Никола Груевски.
Книгата на жалост во вила „Водно“ е отворена за сите граѓани вечер до 20 часот и утре од 8 до 12 часот. Книги на жалост се отворени и во народните канцеларии на претседателот на Република Македонија во Скопје и Тетово.
По повод смртта на првиот претседател на самостојна Македонија Киро Глигоров, телеграми со сочувство упатија голем број странски државници, како и државниот секретар на САД Хилари Клинтон.
Киро Глигоров почина на 1 јануари во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст. По пензионирањето беше активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател - „Македонија е сe што имаме“ (2001), „Атентат - ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“.
Беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.
Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.
На 3 октомври 1995 година во 9 часот и 50 минути преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот „Бристол“. Се уште не се познати ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот.
Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“.
|