30.12.2011, 12:15 Пак нов рок за ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“
Владата повторно го пролонгора рокот за евалуација на јавниот повик за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“. Овој пат за 20 дена. Владината комисија за евалуација на тендерот треба заклучно со 24 јануари 2012 година да избере една од двете квалификувани компании, Кинеската интернационална електрокорпорација за вода, ЦВЕ, и Грчкото електростопанство, ППС, кои ги исполнија условите од тендерот.
Барањето за одлагање на одлуката, како што информира министерот за економија Ваљон Сарачини, било доставено до Економија завчера од страна на Комисијата, а по претходни консултации со странскиот консултант ИФЦ. Пролонгирањето било потребно за да се добие уште време за суштинска и за структурна анализа на понудите. Инаку, пред три дена, министерот Сарачини изјави дека конечниот став на Владата за „Чебрен“ и „Галиште“, односно избраната меѓу двете пласирани компании, ќе се знае на 4 јануари. Тој негираше дека тендерот е пропаднат.
„Компаниите го чекаат извештајот на тендерската Комисија која активно работи. До 4 јануари е рокот кога треба да се знае конечниот став“, рече во средата Сарачини.
Според веќе доставените понуди, ППС понудила 28 отсто од акциите во идните електрани да бидат на ЕЛЕМ, додека ЦВЕ нуди 40,5 отсто. Процентот на акциите кои му се нудат на ЕЛЕМ е главниот услов да се добие тендерот. (М.Т.)
|