06.01.2012, 15:49 Државниот врв со честитки за Божик
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски упатија честитки до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани по повод големиот празник раѓањето Христово - Божик.
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани по повод големиот празник раѓањето Христово - Божик.
„Со благодарни молитви, да го паметиме величествениот ден кога човештвото ја прими утехата и да ја пренесуваме радосната вест за Христовото раѓање во нашите семејства за благослов на идните генерации.Во духот на христијанството, дозволете да посакам во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните како темел на кој што ќе го градиме македонското општество и просперитетот на секој граѓанин во Република Македонија“ напиша претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов.
„Раѓањето Христово - Божик е најголемиот христијански празник. По тој повод Вам лично и на членовите ��а Светиот архирејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, на сите православни верници на Македонската православна црква, дома и во странство, како и на сите христијани, во мое име и во име на Собранието на Република Македонија Ви упатувам најсрдечни честитки со единствена желба овие свети денови да ги поминете во духовен мир, радост и молитва за доброто на сите нас“ се вели во честитката на Вељаноски.
„Симболиката на најубавиот семеен празник во православието Божиќ, е во можноста да ја почувствуваме љубовта на блиските, радоста на заедништвото и топлината на семејниот дом. Токму поради човекољубието, нашиот спасител, Исус Христос се појави на земјата за да му даде утеха на човештвото, да го упати кон правда, слобода и вистина и со божественото учење да ги затопли човековите срца и души. Светлината на Христовото раѓање, секогаш одново и одново ги буди и зајакнува животната сила и карактерот кај човекот. Божиќ не потсетува на вредностите на кој не упати нашиот Бог, на потребата да се почитуваме и помагаме, сакаме и разбираме, и да правиме добри дела кон нашите блиски, како во нашето семејство и соседство, така и во нашата земја и пошироко“ пишува Груевски
|