29.12.2011, 13:15 Груевски: Правиме максимални напори за решавање на името
Премиерот одговари на пратеничко прашање кога ќе се реши прашањето со името на земјата со цел интеграција во ЕУ и НАТО, поставено од Имер Алиу од ДПА.
Владата на Република Македонија прави максимални напори во рамки на своите можности да се изнајде решение со кое ќе се надмине спорот кој Грција го отвори пред 20 години и не попречува во европските и евроатланските интеграции, рече премиерот Никола Груевски, одговарајќи на пратеничкото прашање кога ќе се реши прашањето со името на земјата со цел интеграција во ЕУ и НАТО, поставено од Имер Алиу од ДПА.
- Република Македонија паралелно ги извршува сите потребни реформи и модернизација за да ги достигне сите потребни нивоа на развој во сите сфери и во голем дел ги има завршено, како резултат на што во последните три години добиваме позитивен извештај од Европската комисија и три по ред препораки за почеток на преговорите со Европската унија, кои доаѓаат како резултат на многу реформи, чекори, променети и спроведени закони, рече Груевски.
На денешната собраниска седница на која се поставуваат пр��тенички прашања, вообичаено за секој последен четврток од месецот, премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да работи во истиот правец, со сите сили и потребни инструменти.
- Во минатиот период преку различни форми, преку формата на ОН, медијаторот Метју Нимиц и преговарачите и преку директни средби со претставници од другата страна, остваривме многу средби и контакти, обиди да се надмине прашањето и да се реши спорот. За жал, не дојде до тоа, иако имаше многу напори и обиди од наша страна. Жалам што во последните 6-7 месеци од другата страна имаме игнорантски однос во однос на нашите напори. На почетокот тоа беше брането како ситуација која произлегува од финансиската криза во Грција, но во последниот период имаме отворени изјави од нивниот премиер оти тој не чувствува дека прашањето за името е во негов мандат, рече Груевски.
Тоа, потенцираше премиерот, беше потврдено и со изјавите на министерот за надворешни работи и со првиот човек на една од главните партии во Грција кој одби средба на оваа тема, но и со изјавите дека Грција стои на најрадикалната позиција која воопшто ја имала, односно „ерга омнес“, едно име за севкупна употреба со географска одредница, што претпоставува и промена на името внатре во земјата.
- Жалам што во последниот период од другата страна нема доволно разбирање, но во меѓувреме Република Македонија водеше и друга постапка во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, која неодамна заврши позитивно за нас и се надевам ќе оствари нови перспективи и можности и ќе биде нов импулс во односите во иднина, додаде Груевски, потенцирајќи дека очекува од сите страни да биде респектирана оваа одлука.
Премиерот најави дека Владата и во иднина ќе продолжи со сите можни напори да работи за решавање на ова прашање, кое, како што додаде, меѓу останатото ќе ги отвори европските и евроатлански интеграции на Република Македонија.
|