29.12.2011, 10:26 Македонија во 2012 со утврдена минимална плата
Идната година ќе стапи во сила Законот за минимална плата со кој е предвидено износот на најниско исплатена плата во државата да не биде помал од 8.050 денари во нето, односно 12.235 денари во бруто износ.
Со законот што се носи првпат од осамостојувањето на Република Македонија се очекува да се подобри состојбата на 65 илјади работници чија плата моментно е под предложеното ниво.
Минималниот износ не е фиксен и ќе се корегира секоја година врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, со пресметување на 39,59 проценти од просечната плата во државата. Во износот не се вклучени додатоците на плата кои дополнително ќе треба да му се исплатат на работникот, а доколку вработениот не ги оствари очекуваните резултати тогаш минималната плата ќе му се намали соодветно на сработеното.
Во текстилната, кожарската и чевларската индустрија законот ќе има одложена примена до 2015 година, односно платите во овие сектори постепено ќе се зголемуваат во следните три години со цел да не се предизвикаат потешкотии во работењето на овие дејности.
Ова беше и главната забелеш��а на опозицијата која побара законот да се применува без одлагање бидејќи најзасегнати се овие три сектори.
Ставот на синдикатите е дека до ваквото решение е дојдено како резултат на опсежни аналитички согледувања кои покажале дека претпријатијата од овие сектори може да наидат на потешкотии во работењето и отпуштање работници доколку законот почне да се применува веднаш.
- Во преговорите бевме многу внимателни во делот на утврдувањето на висината на минималната плата. Притоа ги имавме земено предвид сите аналитички податоци за сите гранки вклучително и за гранките каде што е предвидено имплементирање на минималната плата со грејс период. Податоците покажаа дека одреден број претпријатија ќе имаат тешкотии во делот на имплементирање на законот веднаш и од тие причини во договор со социјалните партнери одлучивме таквиот период да биде определен на три години со определени проценти на усогласувања. Тоа беше направено бидејќи имаше сериозни опасности во делот на отпуштања на поголем дел од вработените, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Живко Митрески.
И од Конфедерацијата на синдикати кои беа вклучени во преговорите посочуваат дека морало да се најде компромисно решение кое нема да им наштети ниту на работниците, ниту на работодавачите.
- Ова беше компромисно решение. За нас е добро што по 20 години се договоривме и најдовме начин како да се дојде до договор за минимална плата. Овие гранки се најзагрозени и мораше на некој начин да се најде отстапка доколку сакавме заедно со работодавачите да седнеме и да се договориме, истакнува претседателот на ККС, Раско Мишкоски, додавајќи дека не може како синдикат да бараат драстично зголемување на платата, а за сметка на тоа да се затворат компании.
Од синдикатите бараат стрикно почитување на законот и водење сериозна казнена политика за сите оние кои нема да го почитуваат. Согласно предложеното законско решение, предвидени се високи казни за одговорното лице и работодавачот кои нема да ги почитуваат одредбите од законот.
Договорот за минимална плата беше постигнат на 1 октомври годинава. Во моментот Законот е во собраниска процедура, а „зелено светло“ доби во прво читање и беше даден во натамошна постапка.
Скоро две третини од земјите во Европската унија имаат утврдено минимална плата, а тоа го имаат сторено и соседните држави. Во Словенија минималната плата е 599 евра, во Хрватска 380 евра, во Србија 160 евра, Бугарија 123 евра.
|