05.01.2012, 10:12 (ФОТО) „Леопарди“ на мисија во Авганистан
Војниците на АРМ ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.
Гојко Ефтоски
ФОТО: Петр Стојановски
ТЕТОВО - Во далечниот Авганистан, 149 припадници на АРМ заминуваат во мировна мисија каде што заедно со другите меѓународните сили ќе го обезбедуваат мирот во таа земја. Нашите искусни „леопарди“ претставуваат 12. ротација на мировната мисија во ИСАФ. Во наредните шест месеци, македонските војници ќе извршуваат задачи во составот на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул. Нашите мировници ќе извршуваат и сложени задачи во патролирање и обезбедување воена база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи.
По тој повод, денеска во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, во присуство на врховниот командант и претседател на РМ Ѓорге Иванов и на врвните армиски структури се одржа пригодна свеченост.
„Вие сте одбрани да извршувате тешка, но благородна задача. ��ие сте македонскиот штит, кој ги брани мирот и слободата на Македонија и поширокиот регион. И во најтешки мигови, Македонија останува посветена на преземените обврски и задачи, сака да му помогне на народот во Авганистан да изгради демократско општество ослободено од тероризам. Градејќи ја безбедноста во Авганистан, го јакнете мирот и стабилноста на Македонија. Напорот што го правите е влог во побезбедно утре за сите нас“, им порача на војниците претседателот Ѓорге Иванов.
Министерот за одбрана Фатмир Бесими, откако официјално ги промовираше новите униформи на АРМ, побара на достоинствен начин да ја претставуваат 21. меѓународна ротација на ИСАФ.
„Подготвени сме да докажеме дека сме рамноправни со своите колеги од другите армии кои се во мисија на ИСАФ“, порача мајорот Мухарем Мухареми, командант на контингентот.
Емилија Атанасовска е една од жените припаднички на контингентот на АРМ што патува во Авганистан.
„Кога си во униформа нема разлика меѓу припадниците. Сите сме исти и сите одиме на иста цел. Јас прв пат сум во ваква мисија и верувам дека ќе успееме да одговориме на сложените обврски“, вели таа.
Игор Костадиновски во своите раце ја држеше седуммесечната ќеркичка. „Тешка е разделбата со семејството, но и одговорна обврската што ја прифаќам. Ова ми е трета мисија“, истакна Костадиновски.
„И јас сум по втор пат на ваква мисија. Ги знаеме обврските и предизвиците. Ќе бидеме рамо до рамо со армиите на другите земји“, рече Ќенан Незири.
|