03.01.2012, 11:55 Македонка со 246 км/ч „леташе“ низ Хрватска
За своите лудории, нашинката е казнета со 7.000 куни (околу 995 евра), а доби и забрана за возење низ Хрватска
Дваесет и шестгодишна Македонка стана новогодишна вест број 1 во Хрватска откако со своето „порше“ леташе по тамошните автопатишта. Со брзина од 246 километри на час, беше запрена кај Нова Градишка, речиси на истото место каде што пред повеќе четири години загина Тоше Проески. За своите лудории, нашинката е казнета со 7.000 куни (околу 995 евра), а доби и забрана за возење низ Хрватска.
„Младата Македонка во неделата во 21,24 часот со ‘порше‘ со швајцарски регистарски таблички возеше со брзина од 246 км/час на автопатот кај Нова Градишка, каде најголемата дозволена брзина е 130 км/час“, извести тамошната полиција.
Полициските пресретнувачи едвај успеале да ја сопрат Македонката, чиј идентитет не е соопштен. Кога конечно успеале, и' сигнализирале да запре, и и' пишале прекршочна пријава. По брза постапка, судот и' ја изрекол паричната казна, а наедно и' забранил во следните 12 месеци да вози низ Хрватска.
Како што пишуваат загрепските медиуми, на автопатиштата низ Хрватска, кои се меѓу најмодерните во Е��ропа, има голем број возачи, кои практично „дивеат“ со своите возила. Полициските „кобри“, чија задача е да воведат ред на автопатиштата и да ги санкционираат лудите возачи, имаат многу работа. Се прераскажува случајот од пред неколку години кога полицајците не можеле да го стигнат возењето на еден чешки државјанин, кој се враќал од летување. Го бркале речиси сто километри, Чехот освен што возел со повеќе од 250 км/час, имал пуштено гласна музика во возилото, па не можел да го чуе полицискиот аларм. Конечно, бил запрен во близина на наплатната рампа кај Загреб и тоа откако самиот ја намалил брзината за да плати патарина.
Инаку, во близина на местото каде што во неделата беше запрена Македонката, изминативе години се случија низа несреќи, во кои настрадаа и петмина македонски државјани. Меѓу нив беше и пејачката ѕвезда Тоше Проески, кој беше совозач во автомобил што се заби во камион со приколка. (Г.А.)
|