06.01.2012, 15:40 Православните христијани го слават Бадник
Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово - Божик
Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што на годинашните кумови претседателот и основач на Одборот за прослава на Бадник Борче Петрушевски и координаторот Александар Пановски ќе им биде врачен преодниот бадникарски ќуп.
Манифестацијата, вообичаено, почнува со подигање на бадникарското знаме. Архиепископот Охридски и македонски, г.г. Стефан точно напладне со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и ќе му го предаде ќуп на новите кумови-бадникари.
Здравицата за здравје, среќа и успех ќе ја каже новинарот Драган Антоновски, а на граѓаните ќе им се обрати минатогодишниот кум - бадникар Живко Мукаетов, генерален директор на Алкалоид, кој со своето семејство и со преодниот ќуп ќе пристигне со пајтон.
Бадникарските среќавања пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе почнат со подигањето на Бадникарското знаме и изведување на химната. Ќе следи осветување на бадниковите гранчиња, чајот, нафората и греаната ракија од свештенослужители од храмот, по што ќе започне нивно бесплатно делење.
Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм.
Ноќта пред Бадник во скопските маала и во другите населени места во Македонија се одржаа народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутринава Рождеството Христово го најавуваат децата коледарчиња кои одат по домовите и пеат коледарски песни.
Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.
Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик.
|