06.01.2012, 17:19 Македонија под снежна покривка
Речиси насекаде во Македонија денеска врне снег, освен во Повардарието и во крајниот југоисток, каде се уште врне дожд.
Според информациите од Упрвата за хидрометеоролошки работи, до 16 часот во Маврово се наврнати 45 сантиметри снег, 22 во Лазарополе, 12 во Битола и 7 во Охрид. По шест сантиметри снег има наврнато во Прилеп и Претор и пет во Берово.
До 16 часот во Штип и во Маврово има најмногу врнежи на воден талог, 25 литри на метар квадратен, 23 литри на метар квадратен има во Битола, 22 во Крива Паланка, 20 во Охрид, 18 во Демир Капија, 16 во Струмица и Виница, 14 во Претор, 12 во Берово, 10 во Прилеп, осум во Скопје и во Тетово, а шест во Лазарополе.
Врнежите од дожд, кои попладнево преминаа во снег, повремено ќе имаат и поинтензивен карактер со што ќе се формира нова снежна покривка. Дува засилен повремено и силен северен ветер, кој на моменти ќе достигне брзина и до 100 километри на час.
Од Автомото сојузот на Македонија информираат дека поради обилните врнежи од снег кај кракот Маврово - Дебар има забрана за тешки товарни возила.
Утринските температури се движеа од минус два до три, а дневната од еден до четири степени. Попладнево поради спуштање на постудена маса тем��ературите ќе опаѓаат.
Во Скопје времето е облачно со врнежи најпрво од дожд, а подоцна во попладневните часови врнежите ќе преминат во снег. Ќе дува засилен повремено и силен северен ветер. Утринската температура се спушти до еден, а дневната ќе достигне до два степена.
|