| 05.01.2012, 11:19Словенците не може да формираат влада 
 
  
 Американскиот амбасадор во Словенија Џозеф Мусомели ја поддржува идејата за коалиција на Позитивна Словенија на Зоран Јанковиќ и на Словенечката демократска партија (СДП) на Јанез Јанша и понуди да биде посредник во коалициските разговори, јавуви „ТВ Словенија“.
 
 Словенечката телевизија меѓутоа нагласи дека можноста за формирање на коалиција меѓу двете најголеми партии во Парламентот е мошне мала.
 
 Заменик-претседателот на СДП Винко Горенак ја потврди оваа информација, наведувајќи оти таа партија „самостојно ќе формира коалиција во Словенија, а не со американскиот амбасадор“.
 
 Мусомели се состанал со шефовите на сите парламентарни партии во врска со коалициските разговори и тој е единствениот амбасадор во Словенија, кој го сторил тоа.
 
 Мусомели за време на посетата на премиерот во заминување Борут Пахор во болница минатата недела изјави дека би било добро доколку биде формирана коалиција која го претставува мнозинството, ако не и сите Словенци. Тој додаде оти на Словенија и е потребен некој, кој ќе ги премости разликите меѓу левицата и десницата.
 
 На вонредните парламентарни избори во Словенија, кои се одржаа на 4 декември најмногу гласови освои Позитивна Словенија (28 од вкупно 90 пратеници), а потоа следат СДП и социјалдемократите на Пахор.
 
 
 
 |