06.01.2012, 17:21 Сопругот на Тимошенко доби азил во Чешка
Олександр Тимошенко, сопругот на поранешната украинска премиерка, Јулија Тимошенко, доби политички азил во Чешка, јави дописникот на МИА од Прага.
Ова, денеска го потврди чешкото Министерство за внатрешни работи откако претходно медиумите ја пренесоа веста дека Олександр веќе неколку денови се наоѓа во Чешка каде поднел барање за азил.
Според министерот за внатрешни работи на Чешка, Јан Кубица, барањето било поднесено пред неколку месеци. Според денешното соопштение на Интернет страницата на украинската опозициска партија „Татковина“, чиј лидер е Јулија Тимошенко, причината за барањето азил е за да се намали притисокот кој украинскиот режим го прави врз семејството на политичарката.
Јулија Тимошенко, се наоѓа на отслужување на 7-годишната казна затвор, на која беше осудена минатата година за потпишување на договор со Русија во 2009 година за додавање на гас, кој не бил погоден за Украина и предизвикал штета од неколку милиони евра.
Сопругот на поранешната премиерка, со кој има 31-годишна ќерка никогаш не бил на политичка и јавна функција. Во јавност почна да се појавува од август минатата година, кога неговата сопруга беше притворена. За него се знае дека со сопругата во 90-те години на минатиот век, кога стопанисувале во областа на енергетиката во Украина двајцата биле притворени под сомнение за корупција.
Оттогаш брачниот пар Тимошенко станале едни од најбогатите луѓе во Украина, но обвинувањето не било докажано и тие биле ослободени. Токму овој случај, украинските правосудни органи повторно го отворија и ја сомничат поранешната премиерка за проневера, криење данок и корупција.
Се шпекулира дека истрагата може да се прошири и на нејзиниот сопруг. Инаку Олександр Тимошенко, во Чешка уште во 2000 година е стопански активен. Тој поседува удел во трговска фирма регистрирана со седиште во чешкиот град Усти над Лабем. Сиве овие настани се претпоставува дека дополнително ќе ги затегнат и инаку ,,заладените" односи меѓу Чешка и Украина. До заладувањет дојде откако Чешка му одобри азил на поранешниот украински министер за економија, во Владата на Тимошенко, Бохдан Данилишин, кој во Украина се соочуваше со обвинување за проневера на државни дотации. Веднаш потоа украинските власти заради наводна шпионажа протераа двајца чешки дипломати.
|