13.01.2012, 15:33 Халк банка ги презема филијалите на Зираат во Македонија?
Од Халк банка Скопје засега не коментираат и најавуваат дека банката ќе се огласи со соопштение во понеделник
Турската Халкбанк е нов сопственик на филијалите на Зираат банка во земјава, исто така турска банка. Оваа информација денеска ја пренесоа неколку портали во земјава, кои јавија дека преземањето деновиве го договориле раководствата на двете банки во Турција.
„Утрински“ побара потврда или демант на овие информации од Халк банка Скопје, но од таму засега не коментираат, туку само најавуваат дека банката најверојатно ќе се огласи со соопштение во понеделник, идната недела.
Според информациите што ги објавија агенциите, пак, постапката за преземање на Зираат банка треба да заврши во втората половина на оваа година.
Халк банк е една од најголемите банки во Турција. Таа во април годинава ја презеде целосно скопската ИК банка, со зголемување на уделот во банката до нивото од 91,6 отсто. Со тоа го зголеми и вкупниот капитал на Халк банка Скопје до над 30 милиони евра. Во август годинава, пак, кап��талот на македонската Халк банка нарасна за 24 милиони евра, преку нова емисија на акции. Акциите ги купи турската Халк банка.
Зираат банка е прва турска банка која отвори деловница во Македонија уште во 1998 година. Таа има пет филијали, од кои три во Скопје и по една во Тетово и во Гостивар. Капиталот на банката изнесува 18,2 милиони евра. (Н.Н.Ф.)
|