20.01.2012, 15:35 СДСМ: Да се расчисти скандалот со поткуп на политичари
Молкот на Владата за аферата „Маѓар телеком“, опозицијата го поврзува со случајот „Аналитико“, од јуни 2006 година
Да се расчисти огромниот корупциски скандал со „Дојче телеком“ и „Маѓар телеком“ поврзан со македонски политичари во периодот од јуни 2005 до јуни 2006 година, без разлика дали се работи за функционери на СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ, побара најголемата опозициска партија.
Опозиционерите, дури вчера, првпат се огласија за скандалот, по речиси едномесечен официјален молк, и покрај многубројните прозивки од јавноста за откривање на имињата на политичарите кои во 2005 и 2006 година, кога СДСМ и ДУИ беа на власт, земале поткуп од двете телекомуникациски компании.
Од СДСМ очекуваат реакција од Јавното обвинителство, бидејќи, како што велат, триесет дена откако се обелодени одлуката на американските надлежни институции, беа доволни за домашните институции да преземат конкретни мерки за расчистување на скандалот.
„Додека, на пример, во Црна Гора на големо се води официјална истрага за ваква афера, кај нас Јавното обвинителство скандалозно тврди дека обработувањето на доказите изведени од американските надлежни институции ќе било зијан затоа што тие не се признавале како докази во Македонија“, изјави вчера потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев, кој молкот на власта го оцени како обид да се забошоти случајот.
Оваа сомнителна тишина кај Владата, а особено кај ВМРО-ДПМНЕ, според Георгиев, покажува дека тие се мачат нешто да сокријат. Тој ја посочи аферата со партиската фирма „Аналитико“, која временски се поклопува со периодот јуни 2006 година, за кој американските институции воделе истрага и донеле одлука, а во која се вмешани највисоки актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ во извршната власт.
„Никола Груевски и онака си ја има мувата на капата, бидејќи како министер за финансии во Владата на Љубчо Георгиевски ја аминуваше приватизацијата на Македонски телеком. Тој не може да избега ни од аферата со партиската фирма „Аналитико“, а токму овие факти, на премиерот Груевски му создаваат дополнителна обврска до крај да го расчисти огромниот корупциски скандал“, рече Георгиев. Тој посочи дека ставот на СДСМ е јасен и прецизен, одговорноста секогаш има име и презиме, а сите замешани во овој корупциски скандал мора да одговараат пред надлежните македонски институции.
|