06.01.2012, 17:27 Божикно обраќање на поглаварот Стефан до верниците
Поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г. г. Стефан се обрати до верниците по повод Раѓањето Христово - Божик. Во обраќањето се вели:
„Потребата од Спасител, од посредник меѓу огревовениот човек и Бога, била очекувана од сите старозаветни генерации и меѓу сите народи. Но, ниту можело да се помисли, ниту да се оствари каква било надеж, ниту да се доживее каква било духовна преродба и преобразба без Оној Кој може сe и Кој владее со сe. Дури кога се исполнило времето, се открила тајната скриена од вековите и родовите: Бог од љубов се воплоти и роди како Богочовек во личноста на Господ Исус Христос. Така, со временото раѓање на вечниот и надвремен Господ на човекот и на сите созданија им е дадена можност да постанат вечни. Оттаму, празникот на Христовото рождество е ден во кој пак и пак се потсетуваме на благовестената радосна вест за настанот случен во Витлеем, настан единствен во историјата на светот и човекот. Но, и по повеќе од две илјади години од чудесниот настан на Богораѓањето, човештвото сe уште жеднее по мир и добра волја. На светот потребна му е Христовата љубов и вистина! И нема да има мир ��а земјата, нема да има добра волја меѓу народите сe додека во душите и срцата наши не се роди и не заваладее Христос Господ и не се исполниме со Неговото Евангелие. Токму на Божик, денот кога Го прославуваме Неговото спасоносно рождество, прилика е да се потсетиме на тоа колку достојно го следиме Христовиот пат, колку ги почитуваме и исполнуваме заповедите и законите на верата. Само така подготвени ќе можеме вистински да Му се радуваме со пастирите, да Му се поклониме со мудреците и да Го славословиме со ангелите, и на овој и во сите денови. Амин! Христос се роди! Честито и од Бога благословено Новото Лето“.
|