17.01.2012, 14:13 Македонскиот јазик е плод на контактот со други јазици
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, денеска организираше трибина на тема „Македонскиот како словенски и како балкански јазик“, на која воведно предавање имаше проф. д-р Илија Чашуле од Универзитетот Меквори (Сиднеј, Австралија), истакнат лингвист, индоевропист и македонист. За него, големиот македонист Виктор Фридман, ќе каже: „Д-р Чашуле е без сомнение најистакнатиот лингвист по однос на меѓународниот углед. Тој е во првите редови во областа на славистиката“.
„Во основата, македонскиот јазик е словенски, но во својата структура е плод на контактот со други јазици“, рече меѓудругото Чашуле. Тој посочи дека сродноста на сите јазици на Балканот се должи на контактите, т.е. на меѓусебното влијание. „Сите прават балкански јазичен сојуз. Сродството на јазиците по контакт има два вида, со позајмувања, на пример околу 2.000 зборови во македонскиот јазик се позајмени од турскиот и околу илјада од грчкиот јазик, како и преку несовршено учење на јазикот, кога повеќе се прифаќала структурата на новиот јазик, а помалку лексиката.“
Чашуле истакна дека македонскиот е централен балкански јазик, а периферен словенски. „Неговите несловенски карактеристики и структура се резултат токму на перфиерната местоположба“, рече лингвистот Илија Чашуле.
Меѓудругото, тој нагласи дека идентитетот е комплексен и дека не може да се сведе на едно или на друго и дека денешните јазични, политички и социолингвистички граници не се поклопуваат со реалната лингвистичка стварност. „Дали навистина кај Родопите завршува македонскиот или бугарскиот јазик? Дали навистина кај Табановце завршува македонскиот и почнува српскиот? Овој јазичен тип оди до Ниш и до Софија...“, истакна Чашуле во своето обраќање пред големиот број присутни, како што на почетокот најави, давајќи еден вид лична карта на македонскиот јазик, укажувајќи на некои терминолошки прашања, компарирајќи го македонскиот со другите негови сродни јазици. (Т.И.)
|