05.01.2012, 10:34 Скопјани традиционално 20-ти пат заеднички ќе го прослават Бадник
Со бадниковата химна и подигање на бадникарското знаме, утре пред платото на Соборниоит храм „Св. Климент Охридски“ ќе почне 20. традицонално скопско бадникување, што го организира Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник.
Поглаварот на Македонската православна црква Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, точно напладне ќе им го предаде преодниот пехар на новите кумови, членови на Одборот, претседателот и основач Борче Петрушевски и координаторот Александар Пановски.
Здравицата годинава ќе ја каже новинарот Драган Антоновски, а на граѓаните ќе им се обрати минатогодишниот кум - бадникар Живко Мукаетов, генерален директор на Алкалоид, кој со своето семејство и со преодниот ќуп ќе пристигне со пајтон.
Бадникарските среќавања пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе продолжат со осветување на бадниковите гранчиња, чајот, нафората и греаната ракија од свештенослужители од храмот, по што ќе започне нивно бесплатно делење.
Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна пари��ка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм.
Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, пред Божик, најголемиот христијански празник.
Во пресрет на Бадник, вечер во скопските маала и во другите населени места во Македонија ќе се одржат народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата коледарчиња.
|