04.01.2012, 12:57 Европската комисија поставува услов за новиот кредит за Грција
Европската комисија бара од Грција да постигне договор со приватните кредитори за отпишување на дел од грчкиот долг, за да може земјата да потпише договор за нов кредит, пишува денеска весникот „Етнос“.
Весникот наведува дека преговорите меѓу приватните кредитори и грчката Влада во врска со ова прашање се многу тешки.
Претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Германија и Грција истакнаа дека би можело да се стигне до задолжително отпишување на 80 проценти од долгот. Банкарите стравуваат дека тоа може да добеде до нестабилност, како во Грција така и во еврозоната, поради можни судски спорови од страна на приватни кредитори.
Портпаролот на ЕК Оливие Баи додаде дека преговорите меѓу Владата во Атина и инспекторската тројка од ЕУ, ЕЦБ и ММФ ќе бидат обновени кон средината на месецов, изразувајќи надеж дека тие ќе завршат што е можно побрзо.
Грција треба да потпише договор за вториот спасувачки кредит, ветен од еврозоната кон крајот на октомври минатата година, во вредност од 130 милијарди евра до 2015 година.
Атина се надева преговорите со приватните кредитори за доброволно учество во отпишувањето на дел од долгот да донесат намалување од 100 милијарди евра.
|