05.01.2012, 14:52 Божикна порака од поглаварот Стефан

Православните христијани во Македонија на 7 јануари ќе го прослават Божик, раѓањето на синот Божји - Исус Христос. По тој повод архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници упатија божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со радосниот и торжествен поздрав - Христос се роди!.
Во божикната порака, меѓу другото, се вели:
„Настанот со Христово рождество е исполнување на сите човечки копнежи, пророштва и очекувања, реализирање на севкупната и неуништива жед на човекот кон доброто. Воедно, тоа е и празник на новата епоха, зашто преку доаѓањето на Бога во тело – се' ново се создаде. Овој празник не' повикува да размислуваме за децата и младите, а особено за загрижувачката состојба со рожбите во нашите семејства, на се' поголемиот број на разводи и на десетици илјади годишни прекини на бременоста. Светата Црква и на овој ден и од ова свето место ги повикува и ги потсетува брачниците на благословот Божји и обврската кон родот, како и на тоа сериозно да се разбере потребата од повеќе деца во наш��те семејства. Но, не е доволно само да се има деца: добро е да имаме повеќедетни семејства, но неопходно е на истите да им дадеме и добро воспитување. Секојдневно слушаме и гледаме различни негативни примери на однесување и постапување кај нашите млади, а тоа не води кон добра иднина. Децата треба да ги учиме на примерно поведение, да ги воспитуваме во духот на провереното и докажаното добро – а тоа е во духот на Христовата наука“.
|