03.01.2012, 11:24 Бројот на азиланти од БиХ во Шведска зголемен за 700 отсто
Бројот на баратели на азил во Шведска во текот на минатата година е намален на 29.648 лица, за разлика од 31.819 апликанти кои побарале азил во 2010 година.
Во исто време, како што јави дописникот на МИА од Гетеборг, бранот на бегалци кои во Шведска доаѓаат од Авганистан лани се зголемил за 72 отсто, од Сирија за 52 отсто, а од Босна и Херцеговина за речиси 700 отсто. Но, малкумина баратели на азил од балканските земји добиваат дозвола за престој во Шведска.
Од Босна во 2010 година во Шведска азил побарале 123 лица, а во 2011 година 981 лице.
- Имавме мошне голема група која дојде оттаму есента. Тоа е поврзано со мошне тешката социјална ситуација за многу малцински групи на Балканот, вели Јохан Рам, шеф на службата за информирање при шведското Миграциско биро.
Барателите на азил од Србија, исто така, се вбројуваат меѓу поголемите азилантски групи во Шведска. Но, малкумина од Србија добиваат позитивни одлуки на своите азилантски молби – само 16 проценти.
За разлика од азилантите од Србија, околу 90 отсто од поднесените молби на азиланти од Сомалија и Еритреа добиваат позитивни решенија за престој во Шведска, јави Шведското радио.
|