23.01.2012, 18:07 Полјаците македонски ракометни муштерии
По мундијалот во Хрватска, победа над Полска од 27:25 и во второто коло од главната фаза на Европското првенство во Србија
Од нашиот известувач Роберт Димитриевски
БЕЛГРАД - Полјаците го платија цехот за Данците. Македонија ја оствари првата победа во групата еден од главната фаза на 10. Европско првенство за ракометари во Србија, славејќи со 27:25 против поранешниот светски вицешампион, кој пред црвено-жолтите падна и на Светското првенство 2009 во Хрватска.
Огромна беше радоста и меѓу македонските ракометари и меѓу нивната неколкуилјадна публика на трибините по натпреварот како преслеикан под индиго со уште три такви што ги одигравме на ова ЕП. Овој пат не беше испуштена огромната шанса за победа, која избраниците на селекторот Звонко Шундовски апсолутно ја заслужија. Ако ништо повеќе, поради тоа што водеа од првата до последната минута и поради тоа што го оставија срцето на теренот во "Белградска арена".
Трепереа срцата на сите Македонци во последната четвртина од крајно возбудливиот меч, кога Полјаците лека-полека се приближуваа опасно во резултатска смисла, заканувајќи се со уште една ракометна трагедија за Македонија по тие со Германија и со Данска. Но, овој пат капитенот Кирил Лазаров и другарите ги сочуваа нервите, не подлегнаа на провокациите од противничките ракометари, чиј што селектор Богдан Вента се однесуваше како разјарен бик во корида, непрестајно гестикулирајќи кон судиите и кон записничката маса. Е, овој пат немаше спас за противникот на Македонија, иако Вента мудро му залепи "фластер" на Лазаров во второто полувреме, кога стриктната маркација на најдобриот македонски ракометар меѓу себе ја разменуваа Бартломјеж Јашка и Адам Вишневски.
Токму Лазаров ги уништи надежите на Полјаците дека во последен момент ќе се извлечат од поразот со двата прецизно изведени седмерца во завршницата, прво за 26:23, а потоа и за победоносни 27:24 две минути до крајот. Десниот бек на македонската репрезентација го заврши мечот со девет гола и со максимални 6/6 од линијата од 7 метри. Сепак, епитетот играч на натпреварот оди за голманот Борко Ристовски, кој "здиве" кога беше најпотребно, одбранувајќи 19 удари и доведувајќи ги до очај корпулентните полски бекови.
Како и во претходното коло против Данска, македонските ракометари повторно одиграа брилијантно прво полувреме, во кое целосно го надиграа противникот. Против Данците имаа шест гола разлика, сега седум, и тоа во три наврата, почнувајќи од 13:6 преку Стевче Алушовски од контранапад во 18 минута. Но, за разлика од фамозниот дуел со светскиот вицешампион, кој пред одморот ја преполови разликата на само три гола за Македонија, овој пат момчињата во црвено-жолти дресови не застанаа во финишот од полувремето, заминувајќи на паузата со водство од 18:12.
Најголема предност за големата предност имаше голманот Борко Ристовски, кој бранеше со 50-процентен успех, односно "симна" 12 од 24 удари на Полјаците кон неговиот гол. На другата страна, Марчин Виха��и запре само три топки упатени кон неговата мрежа.
Како и со Данска, и сега имавме фантастична реализација на нападите. Тогаш процентот ни беше 73, сега 69. Од контранапад во првите 30 минути имавме ефект 5/5, од 7 метри 3/3, од кирло 2/2 и од 6 метри 6/7!
Полска - Македонија 25:27
Полувреме: 12:18. Сала: "Белгр��дска арена" во Белград. Гледачи: 3.700. Судии: Леифсон и Палсон од Исланд. Седмерци: Полска 2/3, Македонија 6/6. Исклучувања: Полска 10 мин., Македонија 8 мин. Загубени топки: Полска 12, Македонија 19.
Полска: Вихари (5 одбрани), Вишомирски (1 одбрана), Јашка 1/4, Лиевски 4/10, Кухчински 0/1, Ткачик 2/2, Бјелецки 0/3, Вишневски 1/3, Б. Јурецки 5/6, М. Јурецки 1/5, Тлучински 4/6 (2/3), Јуркиевич 2/3, Шипжак 2/2, Квјатковски, Заремба, Оржеховски 3/6. Селектор: Богдан Вента.
Македонија: Ристовски (19 одбрани), Ангелов, Манасков, Стоилов 1/1, Алушовски 4/6, К. Лазаров 9/14 (6/6), Митков, Јоноски, Ангеловски, Темелков 4/4, Миркуловски 2/2, В. Маркоски 1/1, З. Мојсоски, Димовски 1/1. Селектор: Звонко Шундовски.
ПОЛИЦИЈАТА ОТСТРАНИ БИТОЛЧАНИ
Српската жандармерија ангажирана за обезбедување околу "Белградска арена" еден час пред натпреварот Полска - Македонија имаше интервенција на платото пред салата. Полицајците остранија неколкумина македонски навивачи од Битола поради запалени факели.
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ВО "АРЕНА"
Натпреварот Полска - Македонија од вториот круг на Европското првенство за ракометари во Србија го следеше и македонскиот претседател Ѓорге Иванов од ВИП-ложата во "Белградска арена".
"АКО УМРАМ ИЛ' ЗАГИНАМ"
Пред почетокот на мечот со Полска од разгласот во "Белградска арена" згрме патриотскиот евергрин "Ако умрам ил' загинам" на бардот на македонската народна песна Јонче Христовски. Тоа наиде на воодушевување од неколкуилјадната македонска публика што дојде да ги бодри своите миленици. |