17.01.2012, 20:25 Несреќен пораз од Германија
Македонските ракометари во рамките на Европското првенство што се одржува во Србија, вечерва во Ниш го загубија натпреварот против Германија кој заврши со резултат 23:24
Целиот натпревар се играше гол за гол, иако на почетокот Германија имаше позитива од три гола, но македонскиот тим брзо се врати во игра за полувремето да заврши со резултат 12:12.
Во драматичното второ полувреме, македонската репрезентација неколку пати успеа да поведе, но силната селекција на Германија веднаш се враќаше во игра, не дозволувајќи голема позитива за Македонија.
Најефикасен играч во македонскиот тим беше капитенот Кире Лазаров со постигнати седум гола, а на спротивната страна Ларс Кауфман постигна шест гола и беше најдобриот поединец во германската репрезентација.
И покрај поразот, репрезентацијата на Македонија со триумф в четврток против Чешка може да обезбеди пласман во следната фаза. Доколку Шведска ја победи Германија, македонскиот тим би можел во Белград да патува со три бода најверојатно исто колку и Шведска со која пред два дена одигравме нерешено.
Во салата „Чаир“ вечерва во Ниш ќе се одржи натпреварот од Групата Б меѓу репрезентациите на Чешка и Шведска.
Во второто коло денеска се одигра натпреварот од Групата А меѓу Словачка и Полска кој заврши 24:41, а во вечерниот термин во Белград играат Србија и Данска.
|