10.01.2012, 12:10 Ерик Кантона во трка за претседател на Франција
Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед бара 500 потписи за да се кандидира.
Поранешната фудбалска ѕвезда на Манчестер Јунајтед, Французинот Ерик Кантона се впушти во трката за претседател на Франција.
„Барам 500 потписи, вели 45-годишниот Ерик Кантона на насловната страница на „Либерасион“, обелоденувајќи дека им испратил писмо на градоначалниците на Франција од кои бара потписи за неговата кандидатура за претседател на Франција. Интересно е дека иако тој бара потписи за кандидат, тој никаде не вели дека ќе биде кандидат.
Ерик Кантона всушност не сака да биде кандидат, тој сака да предизвика медиумски шок. Писмото упатено до градоначалниците е потпишано од „Ерик Кантона ангажиран граѓанин“, кој сака да биде носител на „силна, едноставна и јасна порака, порака на вистина и солидарноста“.
Кантона ги повикува и Французите да ја потпишат петицијата предложена од Фондацијата „Абе Пјер“ во која се бара од претседателските кандидати да се ангажираат „да произведат доволно и достапни станови“, да се регулира пазарот и цената на станоците, да има помалку неправда и повеќе солидарност и да се изгради правични и издржани градови како императив за заедничко живеење. Само за неколку денови петицијата ја потпишаа околу 100.000 лица.
Станбената криза, според фондацијата „Абе Пјер“, ја погодува се повеќе и повеќе и средната социјална категорија, целта на Ерик Кантона со својата „кандидатура“ е да ги наведе кандидатите за претседател да се ангажираат на оваа тема.
Ерик Кантона покрај своите фудбалски таленти и лошиот каракетер додека играше фудбал во Франција е познат и како слободен-говорник, непредвидлив кој во 2010 создаде медиумски шок, повикувајќи ги Французите да ги повлечат парите од банките за да го урнат банкарскиот систем - повик кој не беше следен од Французите.
|