(ВИДЕО) Пандев го одведе Наполи во четврт-финалето на Купот
Македонскиот фудбалски ас Горан Пандев го постигна победничкиот гол за Наполи, кој со 2-1 триумфираше во осминафиналето од Купот на Италија против Чезена.
Наполи го започна натпреварот со бледа игра па први поведоа фудбалерите на Чезена кога во 20-та минута Попеску успеа да искористи една грешка на дефанзивците на Наполи и успеа да ја затресе мрежата на Росати.
Горан Пандев натпреварот го започна од клупата за резервни фудбалери, а во игра влезе на стартот од второто полувреме на местото на Варгас. Се чини дека ова беше вистинскиот потег на тренерот Мацари затоа што нашиот интернационалец го спаси Наполи во самиот финиш.
Најпрво во 65-та минута кога по изведениот слободен удар од Пандев, блокираната топка дојде до Кавани на кого не му беше тепко да постигне гол за 1:1. Во 86-та минута Пандев изведе еден слободен удар кој голманот на Чезена успеа да го спречи но според помошниот судија топката веќе ја имаше поминато гол-линијата и голот беше признат.
Еден од најпознатите италијански медиуми „Кориере дело спорт“ излезе со натпис „Grande Goran“ по извонредниот настап на најдобриот македонски фудбалер на последниот натпревар за Наполи во Купот на Италија против Чезена.
„Очигледно е дека Пандев повторно се враќа на сцената онаков каков што многумина го познаваат во Италија. Сега веќе полека се гледа големината на потегот на Наполи и Мацари за доведување на Пандев во своите редови“, пишува „Кориере дело спорт“.