12.01.2012, 11:20 Двајца Македонци на Младинската Зимска олимпијада во Инсбрук 2012
Младиот македонски олимписки тим пристигна во Инсбрук, Австрија, каде од утре до 22 јануари годинава ќе се одржат првите Зимски младински олимписки игри (ЗМОИ)
Македонија на овие игри ќе ја претставуват Марјан Нашоку (алпско скијање) и Велко Лозановски (скијачко трчање), заедно со тренерите Александар Георгиевски (алпско скијање), Ѓоко Диневски (скијачко трчање) и шефот на делегацијата Сашо Поповски.
Марјан Нашоку, кој ќе го носи македонското знаме на утрешната церемонија на отварањето на игрите ќе настапи во четири спортски дисциплини, додека Велко Лозановски ќе настапи во една дисциплина - спринт.
На првите ЗМОИ во Инсбрук ќе учествуват 1.059 спортисти, на возраст од 14 до 18 години. Преку 60 Национални олимписки комитети меѓу кои и Македонскиот олимписки комитет ќе се натпреваруват во седум спортови, во 63 спортски дисциплини.
|