10.01.2012, 14:14 Ватерполистите сардисани од повреди
Маринковиќ неизвесен за ЕП, проблеми и со Вуксановиќ и со Летица
Два дена пред заминувањето на Европското првенство во Холандија, ватерполо-репрезе��тацијата на Македонија е претворена во мала подвижна болница, засега со тројца пациенти. Најтешка е ситуацијата со првиот голман Милош Маринковиќ, кој поради повреда на ’рбетот ги пропушти натпреварот со Хрватска од Светската лига во Скопје и меморијалниот турнир „Митхат Хантал“ во Истанбул и неговиот настап во Ајндховен е сосема неизвесен. Ако и дефинитивно не може да настапи, селекторот Игор Гочанин размислува на ЕП да го поведе само 35-годишниот ветеран Далибор Перчиниќ, кој сезонава брани во врвна форма во дресот на Југ.
Капитенот Иван Вуксановиќ, пак, доби удар во аркадата и во носот на мечот со Турција на турнирот во Истанбул, па ги пропушти наредните два со Холандија и со Романија. На болки, но во увото, се жали и Борис Летица. Двајцата, сепак, ќе бидат во составот за еврошампионатот, а колку ќе можат да дадат во базенот ќе се знае таму.
Од денеска најдобрите македонски ватерполисти се на заеднички подготовки со Црвена звезда во Белград, од каде што утре ќе заминат за Ајндховен. Европското првенство ќе почне на 16 јануари, а Македонија на стартот ќе се сретне со Турција, која во Истанбул ја совлада со 10:6. Во групата А се и олимпискиот шампион Унгарија, светскиот првак Италија, јужниот сосед Грција и домаќинот Холандија. (Р.Д.)
|