09.01.2012, 15:11 Меси главен фаворит за Златната топка
На церемонијата закажана за вечерва во Цирих, Аргентинецот е главен фаворит за признанието, а кандидирани се уште и неговиот соиграч од Барселона, Чави, како и Португалецот Кристијано Роналдо од Реал Мадрид.
Лионел Меси може да стане третиот фудбалер во историјата кој на три пати ја добивал златната топка на ФИФА за најдобар фудбалер во светот.
На церемонијата закажана за вечерва во Цирих, Аргентинецот е главен фаворит за признанието, а кандидирани се уште и неговиот соиграч од Барселона, Чави, како и Португалецот Кристијано Роналдо од Реал Мадрид.
Минатата сезона Меси постигна 53 гола за својот клуб Барселона, со кој ги освои Лигата на Шампионите и шпанското првенство.
24-годишниот Меси се закити со титулата најдобар во светот и во претходните две сезони, во 2009-та и 2010-та. Французинот Зинедин Зидан и Бразилецот Роналдо, кои со своите репрезентации освоија и по едно Светско првенство во фудбал, досега се единствените со по три признанија.
Меси е кандидиран и во категоријата Гол на годината, каде конкуренција му се Британецот Вејн Руни и Бразилецот Нејмар.
Во категоријата тренер на годината кандидирани се тројцата стратези на најголемите светски клубови, Пеп Гвардиола од Барселона, Жозе Мурињо од Реал Мадрид и Алекс Фергусон од Манчестер Јунајтед.
Бразилката Марта има можност по шести пат едноподруго да ја добие наградата за најдобра светска фудбалерка, а главна конкуренција и се Јапонката Хомаре Сава и Еби Вамбах од САД.
Гласовите за добитниците на Златната топка ги даваат новинари, селекторите и капитените на националните репрезентации.
Светската фудбалска организација- ФИФА и магазинот Франс Фудбал последниве години заедничките ја доделуваат наградата Златна Топка. Во минатото, единствен фудбалер кој трипати едноподруго ја добивал наградата на Франс Фудбал е францускиот ас Мишел Платини од 1983 до 1985 година.
|