10.01.2012, 13:19 Кома и Рома најбрзи во осмата етапа
Кома ја прослави својата јубилејна 20. победа на релито, зголемувајќи ја предноста на повеќе од девет минути во однос на второпласираниот Сирил Депре во вкупниот поредок на мотоциклистите.
Шпанците Марк Кома и Нани Рома со своите победи ја обележаа осмата етапа на релито „Дакар“, кое се вози во Аргентина, Чиле и во Перу. Кома ја прослави својата јубилејна 20. победа на релито, зголемувајќи ја предноста на повеќе од девет минути во однос на второпласираниот Сирил Депре во вкупниот поредок на мотоциклистите. Во етапата од Копиапо до Антофагаста, долга 477 километри, Кома имаше проблеми со навигацијата, поради што загуби неколку минути, но откако во 11. км се справи и со калта, изби во водство. Депре заглави во калливата делница, со која се бореше десетина минути, што го чинеше и заостанување.
Рома, пак, кај автомобилистите стигна прв на целта, пет секунди пред Американецот Роби Гордон, а третото место го освои Полјакот Кшиштоф Холовчик со заостаток од нешто помалку од две минути. Водечкиот во генералниот пласман Стефан Петерхансел од Франција финишира четврти, што не му влијаше врз предноста, а победникот на етапата Рома е четврти севкупно.
Резултати од осмата етапа, мотоцикли: Марк Кома (Шпанија) 23:24,18 ч., Сирил Депре (Франција) +9:32 мин., Елдер Родригеш (Португалија) +51:37 мин. итн.
Автомобили: Стефан Петерхансел (Франција) 20:04,15 ч., Роби Гордон (САД) +7:36 мин., Кшиштоф Холовчик (Полска) +7:48 мин. итн.
|