10.01.2012, 12:19 Враќање од соништата за Анри
Тиери Анри ноќеска го постигна единствениот гол за Арсенал на првиот натпревар откако се врати на Емирати како позјамен фудбалер, доволен за победа над Лидс во рамките на ФА Купот.
Само десетина минути откако влезе во игра, Французинот во 78. минута, во типичен негов стил лесно го реши натпреварот.
Анри го опиша постигнувањето на голот како момент кој засекогаш ќе го памети: „Никогаш не помислував дека ќе се вратам во Арсенал, а уште помалку дека ќе го постигнам единствениот гол. Го сакам Арсенал и се надевам дека ова нема да биде последен погодок за клубот“, изјави 34 годишниот Анри.
Во обидот да остане скромен, Анри наградата за играч на натпреварот ја опиша како „шега“.
Венгер пак призна дека враќањето на Анри му се чинело како сон: „Тој веќе е легенда за Арсенал, а со овој погодок само додаде уште нешто во таа приказна. Ова е како еден прекрасен сон“, изјави Венгер.
Ова беше 227 гол за Анри во дресот на Арсенал, каде настапува како позјамен играч додека трае паузата во амерканската МЛС, пренесува Би-Би-Си. Арсенал пак во следната рунда на ФА купот се среќава со Астон Вила.
|