18.01.2012, 13:24 ЕХФ го одби протестот од РФМ
Дисциплинската комисија го отфрли протестот од Ракометната федерација на Македонија и го регистрира натпреварот Македонија - Германија со постигнатиот резултат 24:23 за Германците
Од нашиот известувач Роберт Димитриевски
НИШ - Дисциплинската комисија на Европското првенство 2012 за ракометари го отфрли протестот од Ракометната федерација на Македонија и го регистрира натпреварот Македонија - Германија од второто коло во групата Б во Ниш со постигнатиот резултат 24:23 за Германците.
По разгледувањето на снимката од мечот, Комисијата се повика на член 17.11 од Правилата на играта на ИХФ, кој се однесува на слободното судиско уверување, што, според неа, не може да биде предмет на протест.
РФМ вложи протест веднаш по мечот, во кој тврди дека ударот на Кирил Лазаров упатен на 13 секунди до крајот на средбата завршил во голот, со што исландските судии Леифсон и Палсон направиле материјална повреда на правилата на играта со тоа што не го признале голот и со тоа диртектно влијаеле врз конечниот резултат. Но, од снимката направена од камерата поставена оддесно во правец на германскиот гол се гледа дека топката, всусност, се одби од пречката дваесетина сантиметри пред голманот Лихтлајн.
Незадоволната страна има право на жалба на одлуката за одбивање на протестот до вечерва (среда) до 20 часот.
|