20.01.2012, 10:13 Миркуловски: Најдобри сме кога е најтешко
Херој на натпреварот против Чешка беше одличниот бек на Металург, кој имаше стопроцентен учинок од пет погодоци во одлучувачките моменти од средбата
Македонската ракометната репрезентација избори пласман во втората фаза на ЕП откако во пеколната атмосфера во салата Чаир во Ниш ја победи Чешка со 27:21.
Херој на натпреварот беше одличниот бек на Металург, Филип Миркулоски, кој имаше стопроцентен учинок од пет погодици во одлучувачките моменти од натпреварот. Најефикасен во нашиот табор беше Кире Лазаров со седум погодоци.
„Многу ми е мило што го победивме најпотребниот натпревар на ова Европско првенство, но морам да кажам дека ми е многу жал што ќе пренесеме само еден бод, доколку пренесевме три или четири бода, ќе имавме шанси за големи нешта, но ниту вака не е се загубено. Ние сме најдобри кога е најтешко.“ Миркуловски не заборави да ја спомене огромната поддршка која репрезентативците ја имаа не само на овој натпревар.
„Во Белград се надеваме на иста поддршка како што ја имевме во Ниш, навивачите беа феноменални и ќе беше разочарување за целата нација и за нас доколку не ја поминевме групата.“
Македонија, во следната фаза, во Белград, за противници ќе ги има Србија, Полска и Данска.
„Добро се знаеме со сите репрезентации, игравме на СП во Хрватска (Полска и Данска), со Србија игравме пријателски утакмици. Полска веќе ја победивме во Хрватска, зошто да не ја победиме и во Белград, со Србија секогаш сме играле рамноправно, Данска е можеби поголем квалитет од нас, но сепак со поддршка од се е можно.“
Миркуловски откри и која е целта на оваа генерација ракометари.
„Таму ни треба една победа за нештата да бидат поинакви, целта ни е да избориме пласман на квалификацискиот турнир за Олимписките игри. Добро е што домаќинот Србија, од групата пренесува четири бодови и ќе му треба уште една победа, за да обезбеди пласман во полуфиналето, па во последното коло со нас може да ги штеди силите, што ние можеме да го искористиме за победа. “
Македонија првиот натпревар во новоформираната група ќе го одигра во сабота против Данска.
|