06.01.2012, 16:59 Анри потпиша за Арсенал, ќе дебитира во понеделник
Од денеска, Тиери Анри и официјално е фудбалер на „топџиите“, каде во наредните два месеци ќе настапува како позајмен фудбалер.
- По долготрајни преговори со Ред Бул, постигнавме договор за краткорочна позајмица на Тиери Анри во текот на месеците јануари и февруари, стои во официјалното соопштение од лондонскиот клуб.
Анри има можност да одигра десет натпревари во дресот на Арсенал од кои осум во Премиер лигата. Неговото деби се очекува веќе во понеделник во рамките од третото коло од ФА Купот каде „топџиите“ ќе го нагостат Лидс.
- Ова е малку нереално, да бидам искрен. Јас повторно тука, во Арсенал. Но кога е во прашање овој клуб, моето срце секогаш ќе предничи во донесувањето на одлуките. Сакам да подвлечам дека не сум тука за да бидам херој или за да докажувам нешто. Тука сум за да помогнам, фановите треба да го сфатат тоа. Шамак и Жервињо заминуваат за Африка, а јас сум тука да ги пополнам празнините - изјави Анри.
|