Има ли приватност на интернет?
Корисниците во најголем број случаи не се ни трудат да ја прочитаат политиката на приватност на сајтот
Свесни ли сме за последиците од нашите активности на Интернет? Какво ќе биде нивното влијание на нашиот живот по 10-20 години? Ако земеме предвид дека преку информациите што ги има за нас на Интернет постигнуваме еден вид „дигитална бесмртност“, колку сме внимателни за сопствената приватност со оставањето траги?
Дали постои приватност на Интернет и кој треба да се труди да ја зачува? Дали самите индивидуалци или, пак, веб-сајтовите што ги посетуваме преку политиката на приватност? Се жртвува ли приватноста на социјалните мрежи, какви се различните аспекти од измените на Законот за електронски комуникации. Овие и многу други дилеми беа предмет на дискусија на дебатата што ја организираа Младинскиот образовен форум и Фондацијата „Метаморфозис“.
Дебатата е дел од проектот „Социјални медиуми за демократија“ што го спроведе „Метаморфозис“. Покрај дебатите во 10 града од државата, фондацијата организираше и обуки на околу 50 активисти за користење блогови и нови медиуми со цел активно поддржување и пишување за одредена кауза, кои може да се прочитаат на сајтот на „www.Kauza.mk“.
Комплексноста на темата се развива секојдневно, особено кога станува збор за користење на социјалните медиуми. Проблемите варираат од доброволното оддавање на приватноста без да се чита политиката на приватност, незнаењето дека е потребно да се побара политиката на приватност на веб-страницата, која се разгледува со цел да се увиди дали и кои лични ��одатоци од корисникот ќе бидат зачувани и за која потреба на веб-страницата. Како што истакна на дебатата Милка Геровска од МОФ, Интернет-корисниците во најголем број случаи не се ни трудат да ја прочитаат политиката на приватност на сајтот, односно што ќе се случи со нивните информации откако ќе ја затворат страницата, пред се', поради должината на текстот на политиката на приватност. Иако должината можеби е неопходна за да се опфатат сите аспекти што се покриени, сепак, може да се искористи и како еден вид манипулативна техника за корисниците да се откажат од читање, бидејќи речникот им изгледа неразбирлив.
На дебатата беше забележано дека со оглед на фактот дека се' поголем број млади корисници, на возраст од 7 или 8 години се приклучуваат на Интернет, особено на социјалните мрежи, како што е „Фејсбук“, потребно е политиката на приватност да биде поконцизна и на речник разбирлив за сите корисници.
Сепак, не може да се очекува целосна Интернет-чесност од компаниите, кои податоците од Интернет ги користат во својата база на податоци за клиенти за маркетиншки цели и за остварување поголем профит. Поради тоа, неопходна е поголема свесност на Интернет-корисниците за приватноста на нивните податоци и последиците од оставањето траги на Интернет преку поставувањето информации и лични фотографии.
Покрај транспарентната безбедност на самиот веб-сајт, на дебатата беше посочено дека од уште поголемо значење е развивањето на свеста меѓу Интернет-корисниците за тоа какви податоци оставаат за себе на Интернет.
Внимателноста и свесноста за тоа како се претставувате на Интернет е единствената работа што ве штити. Речиси секој веб-сајт има податоци за вас, иако сте се одлогирале од него или, пак, често ги бришете приватните пребарувања и податоци од Интернет. Токму Интернет-колачињата, оние елементи од пребарувачите што првобитно беа направени за поголемо персонализирање на Интернетот и за прикажување податоци или сугестии за веб-страници, кои може да одговараат на интересот на корисникот врз основа на претходните пребарувања, сега дел од корисниците ги гледаат како најголеми натрапници или нарушувачи на приватноста.
И, конечно, на дебатата, внимание беше ставено и на измените на Законот за електронски комуникации, со кои приватноста на сите граѓани во државата е сведена на минимум, бидејќи со новите измени Министерството за внатрешни работи не мора да бара дозвола да следи нечија комуникација. Иако случаите во кои тоа им е дозволено е само доколку се сомневаат во криминални активности, начинот на кој е напишан законот ја жртвува приватноста на граѓаните во секое време, без нивно знаење и остава простор да биде злоупотребено за поинакви цели од оние за заштита на јавната безбедност.
|