Разрешувал ли Судскиот совет незаконски?
Гордана Дувњак
Дали Судскиот совет незаконски разрешувал судии? Оваа дилема е се' поприсутна во судските кругови по отворениот сомнеж што го искажа Уставен суд откако пред два дена поведе постапка за оцена на два правилника на Судскиот совет. Едниот, со кој ја утврдува дисциплинската одговорност на делитетите на правдата, а вториот, околу постапката за разрешување судии поради нестручно и несовесно однесување.
Претседателот на Судскиот совет, Васил Грчев, вчера не сакаше да ги коментира наводите изнесени од уставните судии и само кусо ни изјави дека „каква и да биде нивната одлука, тие ќе ја почитуваат“. Грчев нема објаснување зошто се оглушиле на барањата на Уставен суд да дадат свое мислење околу наводите изнесени во иницијативите, но, според него, тоа не е игнорирање.
„Недавањето одговор не значи дека го игнорираме Уставен суд“, одговара тој на критиките на претседателот на оваа институција, Трендафил Ивановски, кој искажа незадоволство од тоа што одговорните во Судскиот совет и покрај многуте укажувања, дописи и телефонски јавувања, одлучиле да молчат.
Грчев вели дека Законот за судски совет е многу скуден во одредбите, кои го регулираат прашањето за начинот на разрешување судии и затоа имало потреба да се дорегулира тоа со правилници.
„Точно е дека е утврдено потребното мнозинство за одлучување при изборот на судии, но не и околу разрешувањето. Но, ние сметавме дека истото мнозинство (двотретинско -10 од 15 гласа) треба да биде и при разрешувањата“, додава тој.
Подносителот на иницијативата, популарниот уривач на закони, Стамен Филипов, смета дека не може постапката за разрешување и за дисциплинска одговорност да се утврдува со правилници, туку мора да се направи тоа само со закон. Филипов е убеден дека иницијативата содржи доволно аргументи за да паднат и овие прописи. Но, тој се сомнева дека уставните судии ќе имаат храброст да ги суспендираат сите постапки за разрешување, кои се четириесетина на број.
„Тоа што Уставен суд не го прифати мојот предлог за воведување привремена мерка со која би се стопирале сите постапки за разрешување, ми дава право да мислам дека судиите ќе бидат многу внимателни и ќе ги укинат правилниците, но нема да ги поништат“, подвлекува Стаменов.
Уставен суд оспори повеќе членови од правилникот, според кој, Судскиот совет разрешува и суспендира судии. Судот утврди дека Советот поведувал постапки за разрешување според свои правила, а не според Законот за судски совет. Уставниот суд му забележува на Судскиот совет дека го крши законот оти, според него, не е предвидено со какво мнозинство се разрешуваат и се суспендираат судии.
Според уставните судии, докази во постапките за разрешување судии треба да собираат истражните органи, а не членови на Судскиот совет. За познавачите на оваа материја, токму овој момент беше клучен при последното контроверзно разрешување на двајцата скопски апелациони судии, Виолета Дума и Владо Џилвиџиев. |