Расте смртноста кај бебињата
Статистичарите објавија дека во 2008 година починале 223 бебиња, додека во 2009 година - 278
Јасмина Јовановска
Во Македонија расте бројот на бебињата што умираат. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во 2009 година умреле за 24,7 проценти повеќе доенчиња до една година, во споредба со претходната 2008 година. Или, во бројки, во 2008 година починале 223 бебиња, а во 2009 - 56 повеќе бебиња од лани, или 278 бебиња. Најголем број умрени бебиња има во Скопје, и тоа 66 бебиња, потоа Битола со 18 деца до една година, Прилеп со 12 и Тетово со 11, а за цела година по десет доенчиња умреле во Струга и Струмица.
Загрижува податокот што смртноста кај доенчињата е посебно изразена во помалите општини, каде што бројот на умрени доенчиња во споредба со бројот на жителите е забележително голем. Така, во Општина Студеничани има седум починати бебиња, потоа во Желино и Брвеница по шест, по пет во Липково и Врапчиште.
Овој драстичен пораст на смртноста кај доенчињата доаѓа по петгодишен пад на смртноста на бебињата до една година. Во 2003 година биле умрени 303 бебиња, па следната година бројот паднал на 287 умрени бебиња, потоа во 2006 година е забележано дека умреле 260 бебиња. Тој тренд на доенечката смртност продолжил и во наредните две години кога биле регистрирани 234 починати деца до една година во 2007 година, и најмалку во 2008 година со 223 бебиња.
Извештајот за доенечката смртност, никој од надлежните не беше подготвен да го коментира. Неофицијални извори велат дека оваа бројка можеби и не е толку голема зошто, на клиниката не е забележано нешто необично за зголемена смртност на бебињата. А можеби смртноста изгледа толку голема зашто во извештајот таа е изразена во проценти, а таа се изразува во промили, односно колку деца се умрени на 100.000 жители.
Претседателот на Здружението на педијатрите на Македонија, д-р Љупчо Николовски од Клиниката за детски болести, беше зафатен за да го коментира извештајот. Иако е еден од најповиканите во државата за овој проблем, д-р Николовски се оправда дека му е забрането да дава изјави, но не кажа од кого. И други лекари од Детската клиника одбија да го коментираат порастот на доенечката смртност, па дури и директорот на Детската клиника, д-р Ацо Костовски, со објаснување дека за тоа има здружение.
И министерот за здравство, Бујар Османи, не сакаше да ја коментира зголемената стапка на смртност на бебињата. „Се' уште се анализира извештајот и податоците и рано е да се каже што било. Ако има одредени пропусти, допрва ќе се утврди, но не може да се носат заклучоци врз база на штури податоци“, изјави министерот Османи. Тој иако не сакаше многу да образложува, рече дека таквата бројка можеби произлегува од зголемениот број раѓања во минатата година.
„Државниот завод констатира и зголемен број раѓања, што се рефлектира и во смртноста“, потенцира Османи.
Но, официјалниот извештај покажува дека за една година бројот на родени деца е зголемен за 3,2 отсто, а смртноста на бебињата е зголемена дури за 24,7 отсто. Односно во 2009 година се родени 23.910 новороденчиња, или тоа е 739 деца повеќе во споредба со 2008 година.
Освен доенечката смртност, во земјава расте и бројот на умрени лица. Така, во 2009 година се умрени 19.040 лица, или 0,4 отсто повеќе во однос на 2008 година. И натаму главна причина за смртноста се кардиоваскуларните заболувања. |