Судии и градоначалници на суд за судир на интереси
Катица Чангова
Судии, градоначалници, советници добија прекршочни пријави и ќе бидат повикани на суд за непополнети изјави за судир на интереси. Антикорупционерите поднесоа 40 прекршочни пријави за функционери од законодавната, извршната, судската и локалната власт, кои не ја исполниле обврската за доставување изјави за интереси и побараа изрекување казни од 1.000 до 3.000 евра.
„Рокот за пополнување на изјавите веќе истече. Ќе поднесеме прекршочни пријави против службените лица кои не ја исполниле обврската“, изјави претседателот на Антикорупциска комисија, Илми Селами, на вчерашната прес-конференција.
Рекорден е бројот на членовите на општинските советници кои затаиле во обврската – вкупно 569. „Само од 15 совети на општини сите членови имаат доставено изјави за интереси, додека 13 совети на општини во целост не доставиле изјави за интереси. Во 57 совети мал број советници го сториле тоа“, посочи Селами.
Многу прекршочни пријави има и за судиите - дури 26.
Првиот антикорупционер ги спомна и судовите, но и имињата на судиите. Од Управниот суд има еден судија, Исамедин Лимани, кој нема доставено изјава за судир на интереси и против него е поведена прекршочна постапка. Од Апелациониот суд - Битола постапка се покренува против Љубе Стојановски, од Апелациониот суд - Штип против Кирче Донев, од Основен суд Скопје 1 - Скопје изјава не доставиле шест судии. Изјави за интереси не поднеле првите луѓе на Штип, Карбинци, Сопиште, Зелениково, Старо Нагоричане, Бутел, Теарце, Тетово, Делчево, Чашка, Центар Жупа, Валандово, Ресен.
Единствен пратеник кој не ја исполнил обврската е Ристо Стојанов од ВМРО-ДПМНЕ, информираше Селами. Другите 119 пратеници биле исполнителни и го испочитувале рокот. Навреме обврската ја завршиле и сите членови на Владата, министри и заменици.
Директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, постапувајќи по барањето на Антикорупциска, побарал од Владата да го разреши од позицијата претседател на Комисијата за давање препораки за промена на цената на лековите. „Каргов заслужува признание затоа што во Царинската управа наназад 20 години направи најголеми напори за намалување на корупцијата“, го пофали Селами првиот цариник. |