Криста Пафген (Нико) - живот завиен во мистерија
Јубилејот 70 години од раѓањето и 20 години од смртта е најмалиот повод да се пишува за Нико
Тина Иванова
Јубилејот 70 години од раѓањето и 20 години од смртта е најмалиот повод да се пишува за божествената Нико. Но, сепак е еден од поводите токму сега да се одбележи животот и делото на големата германска пејачка, актерка и своевремено еден од најбараните модели, која ретко кој ја познаваше по нејзиното вистинско име Криста Пафген. Сите ја познаваа по псевдонимот Нико и по нејзиното членување во култната музичка група „Велвет Андерграунд“. Нико беше идол на женската генерација од 70-те и 80-те години на минатиот век, таа беше музичка икона, беше спектакуларна. Фасцинираше со својата индивидуалност, беше харизматична, интересна, посебна. Воодушевуваше со својата непретенциозност и неекстравагантност. Имаше неверојатно убав, длабок, мистичен глас, изгледаше необично и прекрасно, беше висока, со сина коса и полни усни, постојано облечена во црни или бели костуми. Едноставно, поседуваше магнетна привлечност. Како што ќе рече Били Нејм, беше вистинска нордиска убавица.
Гласот на Нико и подоцна нејзините успешни обиди како автор на музиката која ја изведуваше понатаму во својата соло кариера, изврши огромно влијание врз развојот на авангардната музичка сцена во САД и Европа. Тој морбиден, наркотичен вокал на Нико, како што на почетокот го нарекуваше критиката, не толку чисто интонативен, но силно сугестивен, беше најдобро ’изработениот’ украс на првиот албум на „Велвет Андерграунд“. Нико, или „супер ѕвездата“ на Енди Ворхол, беше појава која стана амблем на кој подоцна се ’залепија’ експонентите на т.н. готик звук и стил. На пример, „Сиукс енд д Беншис“, Пети Смит, Морисеј, Бјорк, „Коил“, „Дед Кен Денс“..., сите тие ќе ја цитираат Нико како главна инфлуенца во нивниот музички развој.
Бурниот живот на Криста Пафген, родена во Келн на 16 октомври во 1938 година, почнува откако со својата мајка во 1946 година ќе побегнат од руската во американската зона во Берлин. Нејзината вита става и убав лик ќе ја одведат во сферата на манекенеството и уште во својата рана младост Нико ќе стане дел од модната елита. На само 15 години, ќе замине на Ибица на едно снимање со фотографот Херберт Тобиас кој и ќе и го даде надимакот Нико по неговиот поранешен љубовник Нико Папатакис. Ќе замине и во Париз каде ќе работи за најпознатите модни магазини и ќе стане една од најбараните фотомоделки во Европа. По неколку снимања за рекламни кампањи, Нико ќе добие мала улога во филмот „Ла Темпеста“ (1958) на Алберто Латуада, а веднаш потоа, за време на еден нејзин престој во Рим, и во филмот „Фор Д Фрст Тајм“ на Рудолф Мате. Но, во сферата на својата не толку изразена актерска кариера, Нико ќе стане најпозната по толкувањето на исто така малата улога во култниот филм „Ла Долче Вита“ (1959) на Федерико Фелини. Потоа следува и Њујорк каде ќе почне да зема часови по глума кај Ли Страсберг во истата класа со славната Мерлин Монро. Тогаш Нико ја добива големата улога во францускиот филм „Стрип-Тиз“ (1963), кога ќе ја сними и необјавената верзија на темата од филмот со продуцентот и композиторот Серџ Гинсбург. Оваа композиција конечно ќе биде објавена во 2001 година на компилациското ЦД на кое се наоѓа филмска музика на познатиот композитор. Тука, младата Криста Пафген ќе ја почне својата, за многумина, незаборавна музичка кариера.
По кусата и бурна љубовна врска со актерската ѕвезда Ален Делон, во 1962 година Нико ќе го роди својот син Ари. Неговиот татко никогаш нема да го признае Ари, па детето ќе порасне со својата баба, мајката на Делон. Нико ќе зборува за својот син како за најпрекрасното суштетсво на планетата, но дрогата, па и како што во една прилика ќе рече, по нешто и музичката кариера и друштвото во кое подоцна ќе се најде, ќе ја ’спречат’ да ја игра улогата на добра мајка.
Кога во 1965 година ќе го сретне основачот и гитаристот на „Ролинг Стоунс“, Брајан Џонс, Нико ќе го сними својот прв сингл „I’m Not Sayin“ за издавачката куќа на Ендрју Лог Олдам. Композицијата е на Гордон Лајтфут, а ќе ја продуцира Џими Пејџ од „Лед Цепелин“. Сепак, пресудна ќе биде нејзината средба со големиот музички поет Боб Дилан (позната е и нивната куса љубовна врска) кој ќе и ја даде својата песна „I’ll keep It With Mine“. Подоцна, Дилан ќе и го посвети албумот „Blonde on Blonde“, а особено композицијата „Vision of Johan“. Ќе ја запознае и со ѕвездата на поп-артот Енди Ворхол, со што почнува нејзината кариера во неговите и во експерименталните филмови на Пол Морисеј како „Chelsea Girl“, „The Closet“, „Sunset“… Всушност, првиот албум на Нико ќе го носи истото име како и филмот - „Chelsea Girl“ (1967), и на него ќе бидат сместени композиции на Лу Рид, Боб Дилан, Тим Хардин, Џексон Браун... Ворхол пак, ќе ја запознае со „Велвет Андерграунд“ кои во тоа време ќе бидат дел од неговата мултимедијална авангардна трупа „Exploding Plastic Inevitable“. Всушност, позната е атмосферата која се создаваше околу станот-ателје на Ворхол наречено „Фектори“, кое беше јадро каде се раѓаше њујоршкиот андерграунд и каде што се собираа култни групи и музичари меѓу кои и „Велвет“.
И така, се раѓа величенствениот заеднички „банана кавер“ албум (дизајн на Ворхол) „The Velvet Underground and Nico“ каде Нико ги пее главните вокали во три композиции - „Femme Fatale“, „All Tomorrow’s Parties“ и „I’ll Be Your Mirror“.
„Велвет Андерграунд“ и денес важат за групата, со целокупното свое културно и идеолошко движење, која донесе револуција во светот на андерграундот. Нивната сценска неподвижност, дарк-готик звукот и воопшто имиџот, создаваше еуфорија меѓу публиката. А, кога ќе влеташе Нико со своето прекрасно лице, глас и стас, со својот уникатен стил и гордост, се создаваше некаква катарзија. Вака претежно гласеа првите критики за настапите на највлијателниот музички состав на минатиот век. Но, можеби и токму заради Нико, која момците од „Велвет“ уште на почетокот не сакаа да ја прифатат велејќи дека не им е потребен женски вокал, нивната соработка траеше кусо. Лидерите на групата беа загрижени заради нејзината харизматична појава. Според некои извори пак, причина за нивната брза разделба се смета љубовната врска на Нико со двајцата членови на „Велвет Андерграунд“ Лу Рид и Џон Кејл, што доведувало до извесна доза на завист. Но, неспорно е дека ова албумско остварување сеуште важи за ремек дело во целокупната модерна музичка историја. А, што се однесува до љубовниот живот на Нико, бројни се нејзините романтични врски со голем број други музички автори и пејачи, меѓу горе споменатите и со Џим Морисон од „Дорс“, Џексон Браун, Брајан Џонс, Тим Бакли и Иги Поп.
Следува соло кариерата на Нико која ќе трае до нејзината смрт во 1988 година. Ќе се родат неколку врвни остварувања. Со Џон Кејл, како продуцент, ќе сними уште три албуми „полни со мистерија и чудни звуци“ како што ќе ги нарече критиката, ќе настапува во Европа и во неколку клубови во Њујорк и нејзините настапи ќе ги оценуваат како возбудливо незаборавно искуство. Биографите велат дека Кејл ќе тежнее да го пригуши нејзиниот претерано готик стил, но за среќа нема да му успее, зашто токму со помалку грубиот и рапав глас, мистичен и длабок, но и со нејзината статична, ’кул’ појава на сцената каде таа постојано додека пее ќе пие и ќе пуши, Нико ќе успее да се издвои од останатите вокалистки, а понатаму ќе привлече и голем број на следбеници. Нема да успеат ниту неговите обиди да ја оттргне од опојните средства кои Нико ќе ги конзумира во претерана мерка. Соло изданијата на Нико ќе добијат одлични критики, каде таа во дел од нив ќе биде и автор, а ќе свири и на хармониум, меѓу кои и „The Marble Index“, „Desertshore“, „The End“, „Drama of Exile“, „Camera Obscura“, „Live Heroes“, „Heroine“... Нејзините настапи ќе станат се помрачни, како некакви реквиеми за своите изгубени пријатели. Повеќе од 20 години, Нико беше зависничка од хероин. Нејзиниот биограф Ричард Витс ќе запише дека дрогата кај Нико е последица од нејзиното трауматично искуство од војната.
Во јули 1988-та, за време на нејзиниот одмор на Ибица, Нико ќе падне од велосипед и ќе почине во една болница во Келн. Нејзината пепел е положена во Берлин во присуство на неколку пријатели кои ќе ја испратат славната Криста Пафген од овој свет со нејзината величенствена „Desertshore“ пуштена од касетофон. Еден од нејзините биографи вели: „Нико беше жената која живееше на места каде што сонцето не светеше..., таа имаше живот, завиен во мистерија“. „Кога ги слушате нејзините соло-албуми ви се смрзнува душата. Таа ги допира длабочините на осаменоста, страдањата, кошмарите. Беше толку талентирана. Мрачна, но сепак разбирлива. Таа пееше за реалноста, за смртта, за нештата за кои обичните луѓе се плашат да зборуваат“. |