Филмовите на Иво Трајков и Ѓерѓ Џувани во завршна фаза
„Патот на Јозеф“
Годинава ќе имаме готови четири од девет поддржани играни филма, но во ниеден не се зборува македонски
Сунчица Уневска
Четири од деветте долгометражни филмови кои годинава ги поддржа Филмскиот фонд го завршија своето снимање. Како што ни рече директорот на Филмскиот фонд Дејан Илиев, филмовите „Патот на Јозеф“ на Иво Трајков и „Исток-Запад-Исток“ на Ѓерѓ Џувани веќе се наоѓаат во фаза на постпродукција. А своето снимање деновиве комплетно го завршија и Митко Панов со „Војната заврши“ и Арбен Кастрати со “Земја помеѓу границите“. Другите пет проекти се наоѓаат во различни фази на подготовки.
Всушност, станува збор за филмови кои беа во поодмината фаза, особено оние на Трајков и на Џувани. Тоа се филмови од Чешка и од Албанија во кои Македонија влезе како копродуцент и филмови во кои не се зборува македонски. Но, македонски не се зборува ниту во остварувањата на Панов и на Кастрати иако Македонија во нив е главен продуцент, со тоа што филмот на Кастрати има исклучително мал буџет. Но, како и да е, работите се придвижија, особено по паузата која во продукцијата се создаде последниве две години.
За филмовите на Иво Трајков и на Ѓерѓ Џувани беше сосем извесно дека ќе излезат во текот на годинава. Имено, „Патот на Јозеф“ е снимен минатата година, а во филмот на Џувани на кој се работеше од 2007, Македонија влезе како трет копродуцент покрај Албанија и Италија. Филмот „Патот на Јозеф“ е целосно снимен во Чешка, но во неговата екипа учествуваат голем број Македонци, па беше сосем логично Македонија да влезе во копродукција и да добие готов филм. Моментно филмот го заврши саунд-миксот и како што ни рече продуцентот од македонска страна, Роберт Јазаџиски, се очекува да биде готов до септември. Ѓерѓ Џувани и неговата комедија за неколку Албанци, кои ќе добијат можност како учесници на велосипедистичката трка во Франција да излезат од изолираната Албанија и да го видат Западот, е исто така завршена и се наоѓа во фаза на постпродукција. Овој филм е снимен во Албанија, Франција и десетина дена во Македонија, во Охрид, со учество на македонска техничка екипа.
Филмот на Митко Панов се подготвува веќе две години и тоа беше еден од филмовите кои ја добија поддршката лани на конкурсот на Министерството за култура. Бидејќи поддршката беше само 160 илјади евра, Филмскиот фонд ја презема обврската околу овој филм и му даде поддршка од уште 200 илјади евра. Приказната за „Војната заврши“ поместена во времето на бомбардирањето на НАТО на Србија, а која се фокусира на оние лични војни на луѓето кои биле принудени да искусат војна, егзил или депортација, се снимаше во Македонија и во Швајцарија. И добро е што снимањето заврши бидејќи излезе дека овој филм, во кој се зборува албански, ги нема очекуваните копродуценти, па сеуште се очекува во текот на неговата постпродукција да влезат копродуценти. Додека Арбен Кастрати и го пријави својот филм како лоу баџет и еве успеа да го сними. „Земја помеѓу границите“ го сместува своето дејствие меѓу границите во времето на Енвер Хоџа. Во овој филм кастингот е албански, а филмот кој треба да биде копродукција меѓу Македонија и Косово, целосно е снимен во струшко.
На снимањето на албанскиот „Исток-Запад-Исток“ во кој Македонија влезе како копродуцент
Филмот кој ја доби најголемата поддршка „Приказна за Дивиот Исток“ на Столе Попов, максимумот од 500 илјади евра, како што ни рече Дејан Илиев, се наоѓа во фаза на развој. „Приказна за Дивиот Исток“ е љубовна приказна поместена некаде на почетокот на 20 век, инаку најавена како сторија во која се среќаваат и се судираат источната и западната цивилизација. Сценариото за овој филм го потпишува Горан Стефановски, а според неговиот продуцент Данчо Чевревски тие имаат заинтересирани копродуценти и се во фаза на конкретизирање на преговорите. Вториот филм кој доби најголема поддршка е „Ова не е американски филм“ на Сашо Павловски, а кој ќе биде и негово играно деби. Овој филм е исто така преземен од Филмскиот фонд од минатата година, и на веќе одобрените 160 илјади евра му беа додадени уште 300 илјади евра. Филмот си поигрува со криминалните и гангстерски стории кои сакаат да станат филм. Она што е интересно е дека овој пат станува збор за македонски криминалци и македонски филм, чии македонски идеали наеднаш ќе станат американски, но во кој исто не се зборува македонски туку broken english. Овој филм, кој се надева и на една голема ѕвезда, се уште работи на своето сценарио, кое најверојатно ќе добие чешки супервизор. Како и да е, филмот нема да почне да се снима оваа година, туку стартот го најавува за следната.
За септември и октомври стартот на снимањето го најавуваат и Владимир Блажевски со неговата панкерска приказна сместена во времето на транзицијата и групата од 11 режисери со проектот „Д Скопје“. „Панкот не е мртов“ е македонско-српска копродукција и планот е да се снима во Македонија и во Србија. Додека „Д Скопје“ ќе биде целосно македонски, но неговото снимање ќе биде фазно, бидејќи планот е во овој омаж на Скопје да се фатат и сите годишни времиња. И за ноември стартот го најави Марија Џиџева, која заедно со пет режисерки од сите поранешни југословенски републики работат на омнибусот „Некои други приказни“ на тема „Бременост“.
Значи, до крајот на годината ќе имаме четири филма во кои Македонија се потпишува како продуцент или копродуцент и од кои два се на македонски режисери. Интересно е дека од девет филма во пет не се зборува македонски, а едниот е омнибус од пет филма, во кој едниот е македонски. Но, она што е најважно е да снимаме филмови и за разлика од порано, овој пат да работиме професионално. Директорот на Фондот, Дејан Илиев е навистина подготвен тоа што го започнал да го заврши докрај. Како што ни рече, во фаза е средувањето на договорите кои мора да се потпишат со продуцентите на сите овие филмови, и дека ќе мора роковите да се испочитуваат. Сега се завршени филмовите кои беа во поодмината фаза, а што ќе се случи со останатите останува да видиме. Илиев верува и ветува дека сите овие филмови во текот на две години мора да бидат финали��ирани, инаку ќе им бидат одземени. И дека истите овие проекти веќе нема да можат да аплицираат за македонски пари. Факт е дека со поддршка на фондот продуцентите се активирани и поканети на многу средби и фестивали, што е за поздравување, но повеќе на адреса на фондот... Целта е сето ова да го измени начинот на работа. Логистиката продуцентите и авторите сега ја имаат, а другото зависи од нив. |