Концерт на „Проект жлуст“ во „Магор“
Вечерва во кафе-книжарницата „Магор“ во 22 часот концерт ќе одржи современата акустична група „Проект жлуст“. „Жлуст“ ќе изведе неколку стари, но и дел од најновите теми кои треба да се најдат на новиот албум што се очекува да излезе во септември. Дел од тие композиции беа изведени пред неколку месеци во заеднички концерт со Македонската филхармонија, кој во рамките на циклусот „Џез-симфониски концерти“ се одржа во преполната сала на Домот на АРМ. Инаку, деновиве во француското студио сместено во просторите на М1 во МРТВ, се микса и овој материјал, снимен од концертот во живо. „Проект жлуст“ во „Магор“ ќе настапат во состав: Емин Џијан, клавијатури и хорна, Иван Бејков, контрабас, Александар Поп Христов, виолончело, Владимир Крстев, виолина, Александар Секуловски, перкусии, Здравко Ангелов, кларинет и Александар Серафимов, саксофон.
Инаку, на 26 јули, по повод одбележувањето на 45 годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, „Проект жлуст“ ќе одржат концерт на Скопско кале. Последниот концерт надвор од земјава, групата го одржа во мај годинава на Европското биенале на млади во Италија. (Т.И.) |