Саботна треска во Мадрид
Вечерва на „Сантијаго Бернабе“ Интер го брка својот трет европски трофеј, прв по 45 години, а Баерн својот петти
Наум Котевски
„Имаше малку работи кои професорите можеа да ме научат за музиката и затоа тогаш нагло се свртуваа кон техниката, бидејќи за техниката може да се напишат томови книги, а за изразувањето речиси ништо. Професорите се засолнуваа во техниката затоа што таа може да се допре и види, затоа што е создадена од нерви и мускули и за неа може да се расправа до бесвест“, вака, големиот вљубеник во виолината и музиката како единствена вера, главниот лик во книгата на Поало Мауренсиг „Канон Инверсо“, Јене Врага, ги опишува своите тешки училишни денови, додавајќи дека во елитната школа во Виена „Колегиум Музикум“ открива дека „техниката може да послужи и за понижување и малтретирање“.
Сега ние може да си дозволиме да влеземе во кожата на професорите на Варга и да урламе по Жозе Мурињо и Луис ван Гал велејќи им дека вечера на „Сантијаго Беранбе“ во Мадрид нивните тимови Интер и Баерн незаслужено ќе бидат дел од финалниот спектакл во најреномираното натпреварување. Затоа што нивните состави немале допирни точки со техниката и естетиката како што имале некои други клубови, како да речеме, Барселона. Реакцијата од другата страна е лесно предвидлива, нормална и сосема на место. Мурињо веднаш ќе ги стисне вилиците од напор да не се насмее. Кај Луис ван Гал, пак, може да бидат малку подотворени затоа што човекот е убеден дека со Баварците игра фудбал неверојатно прифатлив за око. Но, тоа е само пуста желба на продуктот на холандската школа, кој таквата игра можеше да ја пласира, како што и го правеше, своевремено со Ајакс и Барселона, но не и со Баерн. Затоа што, сега објективно нема штоф за „уметнички дизајниран костим“.
Вистина, во моментов ниту еден од светските медиуми не го најави вечерашното финале како „Судир на титаните“, како што тоа беше случајот со ланското меѓу Барселона и Манчестер, но тоа апсолутно не значи дека трофејот во раката на Интер или на Баерн ќе биде лажна слика за најдобриот. Напротив, тоа ќе биде чиста реалност, затоа што и Интер и Баерн на маестрален начин, со многу знаење и умешност, па, ако саката и со оригиналност во одредени фази од играта, сезонава им го украдоа шоуто на споменатите глорифицирани гиганти. Во таа насока, во право е Мурињо кога вели дека никој жив не го споменува првиот меч со Барселона во Милано, кога Интер, особено во првиот дел го нападна европскиот првак и му даде три гола. Тоа на некој начин го заборави и неговиот вечерашен противник Луис ван Гал, кој од 1997 до 2000 год��на работеше заедно со Мурињо во Барселона. Поточно Мурињо, кој таму беше доведен од Боби Робсон, најпрвин му беше преведувач на Ван Гал (уште така го викаат во Барселона), а потоа откако станаа јасни неговите квалитети беше користен и во тактичката подготовка на тимот.
„Драго ми беше да го гледам Мурињо како се развива. Создаде околу себе фантастична харизма и му честитам на тоа. Знаев дека ќе ми помогне додека работев во Барселона. Многу бргу ги впиваше работите, иако морам да признам дека малку му влијаев, бидејќи секогаш бил самостоен во работата“, кажа најпрвин „професорот“ Ван Гал, но потоа му упати на својот и ден денеска добар пријател жестока провокација. „Но, нему му е полесно, бидејќи тој исклучиво ги тренира играчите да дојдат до резултат. Јас ги тренирам за да дојдат до резултат, но со убава игра“, вели Ван Гал. Сето ова неодоливо потсетува на зборовите на нашиот „јунак од страна“ Варга, кој вели дека кај професорите во „Колегиум Музикум“ на крајот се создавала завист, која го потиснувала восхитот од умешноста на ученикот. Едноставно учителот не може да се помири со фактот дека ученикот е рамен на него.
Како и да е, станува збор за две слични личности по карактер. Тврдоглави, егоистични, авторитативни, чувствителни (чудо е што останаа пријатели), но и многу интелигентни. Вечерва ќе треба да покажат од се' по малку, вклучувајќи ја и храброста за да го одведат својот тим до престижниот трофеј.
Според италијанските новинари, Мурињо, кој нема да може да смета на суспендираниот Тијаго Мота, речиси сигурно ќе игра со македонскиот репрезентативец Горан Пандев. Тоа значи поофанзивна формација 4-2-3-1, која Португалецот може и да ја трансформира во 4-3-1-2. Неговата игра повторно ќе се темели на физички моќната дефанзивна линија Лусио, Самуел, Мајкон (вклучувајќи ги и Занети и Камбијасо), која игра на ниво ретко видено во последните неколку години, како и на ефективниот напад со Пандев, Милито и Ето.
Кај Баерн ќе го нема „црвениот“ Франк Рибери, па Ван Гал ќе мора да проба со Алтинтоп како замена или, пак, да му даде малку поофанзивни задачи на Даниел Прањиќ. Колку и да сака да зборува Холанѓанецот за тимската игра на Баерн, сезонава клучните натпревари се сведоа на инспирацијата на Ивица Олиќ и на Арјен Робен. Се' практично падна на нивниот грб. На Мурињо тоа сосема му е јасно па веројатно ќе се обиде да изврши притисок најпрвин кај поддршката на „летечкиот Холанѓанец“ Филип Лам. Тоа е опасната врска по десната страна на Баерн.
Инаку, како дуели кои можат да го одлучат мечот може да ги потенцираме оној меѓу Лусио и Олиќ (фудбалери за кои најголема казна е да им кажеш да застанат), потоа оној меѓу Камбијасо и Ван Бомел (кој ќе биде пожесток и остар во стартовите), како и директните пресметки меѓу Швајнштајгер и Снајдер (во секој момент со неочекуван шут може да решат натпревар), и меѓу Занети и Робен (ако може некој да го смири морето од брановите на Холанѓанецот тоа е „старецот“).
Секако, на голема мака ќе биде и Демикелис, кој пред себе ќе го има Милито, фудбалерот кој игра во фантастична форма. Можеби Ван Гал ќе се одлучи и за Контенто (семејството му потекнува од Неапол), кој ги задоволува неговите поуметнички стандарди, а и името Диего го добива според легендарниот Марадона.
Како и да биде на крајот, на „Сантијаго Бернабе“, во домот во кој се враќаат Робен и Снајдер (Реал лани ги продаде па сега неговите навивачи ќе мораат да ги гледаат во финале) ќе ги видиме двата најспособни тима сезонава. А, само еден од нив гордо ќе го закачи на врвот своето знаме. Интер трет пат по цели 45 години или Баерн по петти пат во својата историја? |