Фени И. ја врати титулата во Кавадарци
Во мајсторката кавадарчани убедливо го совладаа Вардар О. со 86:72
Фени индустри дојде до двојната круна по убедливата победа над Вардар осигурување во мајсторката од финалето (86:72). Сево ова беше практично реприза на сезоната 2007/2008 кога кавадарчани, исто така, беа апсолутни победници.
Како и да е, дури шест меча беа потребни Македонија да го добие својот нов кошаркарски шампион. Во тие шест меча беше 3:3, па излегува дека клучната победа за Фени И. беше онаа во Скопје на крајот од Суперлигата, кога се стекна со предвремено водство од 1:0 во финалето.
Вардар О. беше рамноправен противник, но во последниот меч потфрли. Од друга страна Фени блесна тогаш кога беше најпотребно, особено тоа важи за Самарџиев и Соколов. Овие двајца беа најзаслужни за почетното водство, кое до крајот само беше зголемувано. Самарџиев (19 коша) погодуваше кога Вардар О. се обидуваше да се приближи, а имаше и 10 асистенции. Погодуваше и Соколов (18 поени). Добра партија пружи и Слободан Михајловски, кој комплетно го надомести отсуството на недостатокот на ефект на неговите колеги од центарската линија Кнежевиќ и Трајковски.
Кај гостите само Дамјан Стојановски, кој е МВП на финалната серија, и Перо Блажевски беа на висина на задачата. Со само тие две опции вардарци немаа шанса за успех. |