Број 2858  среда, 10 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Македонија

Приватниците во небрано по одлуката на „Македонски шуми“

Одлуката „Шуми“ да го добијат ексклузивното право за продажба на дрва за огрев ги сврте приватниците кон увоз

Александар Пешев

Одлуката јавното претпријатие „Македонски шуми“ да го добие ексклузивното право за продажба на дрва за огрев ги изненади приватните препродавачи. Додека од „Македонски шуми“ велат дека одлуката е направена за доброто на претпријатието, трговците се прашуваат како ќе преживеат.

Некои препродавачи планираат да се преориентираат кон увоз.

„Сега планирам да увезам неколку шлепери дрво од Србија или од Бугарија кои, секако, ќе ги продавам по прифатливи цени“, вели еден од трговците, кој побара да остане анонимен. Според него, одлуката јавното претпријатие да се претвори во единствениот препродавач на дрва за огрев нема да им помогне на граѓаните.

„Со самата одлука се тераат трговците, кои досега легално работеле, да се преориентираат кон нелегална продажба. А тоа што ’Македонски шуми‘ ќе биде единствениот препродавач не гарантира пониски цени“, објаснува трговецот.

Приватните препродавачи се жалат дека со последната одредба на јавното претпријатие се затвораат единствените извори на егзистенција на приватниците.

„Парите што се заработуваат пред почетокот на грејната сезона се доволни за издржување на едно семејство. Без тој извор на приход, многу семејства ќе страдаат“, тврди сопственик на склад.

Одлуката за забрана на приватно препродавање дрва за огрев беше најавена пред две недели. Од почетокот на идната година јавното претпријатие „Македонски шуми“ ќе осамне на пазарот како единствен препродавач на дрва за огрев. Одговорните од јавното претпријатие потврдија дека до следната грејна сезона ќе отворат повеќе складишта низ земјава, изразувајќи надеж дека со тоа ќе се санира и загубата со која работи претпријатието.

"'Македонски шуми' од идната година повеќе нема да склучува договори со приватните складишта. Ние ќе отвориме регионални складишта во градовите со повеќе жители, а дрвна маса практично нема, како што се Скопје, Штип, Тетово. Складовите во локалните места, пак, кои редовно функционираат, ќе си продолжат со работа. На овој начин ќе го подобриме работењето на јавното претпријатие и тоа повеќе нема да биде загубар", рече неодамна Владимир Бахчовановски, директор на ЈП „Македонски шуми".

Според Бахчовановски, одлуката да не се склучуваат купопродажни договори е донесена за претпријатието подобро да работи. Тој, сепак, не одговори на прашањето зошто не се дозволува пазарот да ја издвои најповолната понуда на огревно дрво? „Приватните продавачи можат да се снаоѓаат како сакаат. Може да продаваат дрва од приватни шуми“, додаде Бахчовановски.

И покрај официјално најавената одлука дека продажбата на дрва ќе припадне само на јавното претпријатие и дека дрвата за огрев ќе бидат поевтини, „Македонски шуми“ на својата Интернет-страница има објавено соопштение за склучување купопродажбени договори за техничка дрвна маса. Он-лајн формуларот насловен како „Барање за трупци“ е наменет за сите субјекти заинтересирани за склучување купопродажбени договори за 2009 година, почнувајќи од 17 ноември до 17 декември годинава.

Инаку, пред почетокот на оваа грејна сезона цените на огревните дрва неколку пати се покачија. По поскапувањето на парното греење, огревното дрво на приватните складишта се продаваше по цени за 40 отсто повисоки од минатогодишните. Дабовото дрво, на пример, годинава на приватните складишта се продаваше по просечна цена од 2.500 денари. Минатата година беше околу 1.800 денари. По најавите за поскапувањето на струјата, огревното дрво забележа ново поскапување од 2.500 до речиси 3.500 на дел од приватните складишта. Се' на се', во споредба со минатата година, кубик огревно дрво двојно поскапе.

 


Статијата е прочитана 442 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Македонија
Системот за безбедна храна, сепак, стартува в година
Во рестораните слободно пушење до 2010 г.
Се крие ли богатство во темелите на битолскиот градски часовник
Битола - Епинал 40 години пријателство
Доцнат парите за невремето во Прилепско
Државно земјиште во Кумановско доделено на локални моќници
Зимскиот распуст од 31 декември до 19 јануари
Бесплатен прв извод за неевидентираните