Системот за безбедна храна, сепак, стартува в година
Од 1 јануари ХАСАП ќе биде задолжителен за растителна храна, а за животинско потекло од 1 септември
Александрија Стевковска
Од почетокот на идната година сите производни, продажни и услужни капацитети дефинитивно ќе мора да го имаат имплементирано или почнато да го воведуваат хасап-системот за безбедна храна, потврдуваат од Министерството за здравство. За неиплементација на овој систем, крајна мерка е затворање на фирмите, иако, според неофицијалните информации, првите шест месеци тие најверојатно ќе се толерираат, а дури потоа ќе се казнува.
Ова значи дека во втората половина на идната година се' поизвесна е можноста од затворање на голем дел од македонската прехранбена индустрија и оние кои манипулираат со храната, поради тоа што досега само пет проценти од регистрираните компании ги имаат воведено стандардите за безбедна храна. Задолжителноста за ХАСАП се однесува на храната од растително потекло, додека за храната од животинско потекло, според Правилникот за ветеринарно здравство, поседувањето на овој систем што гарантира безбедна храна, ќе биде задолжителен од 1 септември 2009 година. Со различните датуми кои се предвидуваат како стартен задолжителен период за имплементација на хасап-системот уште еднаш се потврдуваат двојните аршини на работење на овие две контролни институции на храната, што создава хаос на пазарот и префрлање на одговорноста за евентуалните грешки од Дирекцијата за храна на Ветеринарната управа и обратно.
„Имплементацијата на хасап-системот е задолжителна од почетокот на идната година. Нема никакви одлагања за негова примена во практика“, вели портпаролката на Министерството за здравство, Даниела Алексовска.
Според Министерството, македонските компании не можат да се правдаат дека немале време да се приспособат на бараните стандарди, оти досега имале период од две години да го сторат тоа. Со примената на овие стандарди, според надлежните за контрола на безбедноста на храната, ќе се подобри квалитетот на произведената храна, кој ќе биде според европските стандарди, што е и цел на овие институции.
Дилемата дали ќе се одложи примената на хасап се наметна откако Дирекцијата за безбедност на храна пред неполни два месеца најави дека се размислува за пролонгирање на рокот за негова примена. Како клучна причина за неговото евентуално одложување беше наведен фактот дека само пет отсто од фирмите што се занимаваат со храна го имаат воведено системот и дека ќе им треба дополнителен рок за воведувањето на стандардите за безбедна храна. Оваа најава произлезе од барањето на работодавците за одлагање на хасап, бидејќи фирмите тогаш првпат излегоа со ставот дека повеќето фирми не се подготвени за него и дека стриктна примена по Нова година ќе стави клуч на врата на повеќе фирми.Според фирмите, главната причина зошто се чекало на воведувањето на овој систем била високата цена што треба да се плати.
Консултантите кои работат на воведување на системот, потенцираат дека тешко ќе се фати рокот за исполнување на барањата од Правилникот за безбедна храна.
„Важно е по 1 јануари фирмите да докажат дека почнале со имплементација на системот. Во основа станува збор за систем кој ги потенцира слабите точки во синџирот на производство, пласман и продажба на храната, за тие да се отстранат навреме. За храната од растително потекло хасап е задолжителен од почетокот на идната година, а за храната од животинско потекло од 1септември 2009 година“, вели Александра Марковска од Фуд консалтинг.
Информацијата за наводно пролонгирање на рокот за воведување на системот за безбедна храна само донесе забуна кај фирмите, кои практично почнаа да сметаат дека е сигурно пролонгирањето на рокот за воведување на системот, па дел од нив, иако веќе биле во процедура, го запреле воведувањето на системот, убедени дека тоа нема да им биде потребно уште неколку години. Се најавува дека, иако законски ќе биде во сила, инспекцијата од почетокот на идната година само ќе им наложува на фирмите побрзо да почнат со имплементација на системот. Доколку во период од шест месеци не се започне со воведување на хасап, фирмите ќе се затвораат. |