Зимскиот распуст од 31 декември до 19 јануари
Зимскиот распуст ќе трае од 31 декември до 19 јануари, соопштија вчера од Министерството за образование и наука. Но, не потврдија дали за време на распустот учениците ќе ги одработуваат изгубените часови за време на штрајкот на просветарите. Така како што стојат работите, по се' изгледа дека прашањето дали ќе има или не дополнителна настава нема да се реши пред Нова година, што значи дека многу веројатно е дека учениците ќе можат барем малку да здивнат пред и за време на празниците.
Иако министерот за образование, Перо Стојановски, и синдикалниот лидер Дојчин Цветановски се договорија дополнително да одлучуваат за дополнителна настава поради штрајкот, Министерството и СОНК се' уште се на различни позиции. Така, претседателот на СОНК, Дојчин Цветановски, цврсто е против одработување на пропуштената настава и вели дека нема да отстапи од овој став. Тој не верува дека ова прашање ќе се реши до крајот на месецов. Од друга страна, во ресорното Министерство не отстапуваат од законските одредби во кои стои дека училиштата во текот на годината мора да имаат 180 работни, наставни денови.
Директорот на Инспекторатот, Роберт Ѓоргиев, вели: „Им оставаме на училиштата да одлучат како ќе ги надополнат наставата и изгубените работни денови кои во текот на годината мора да се сведат на 180“. (Ж.Х.З.) |