Државно земјиште во Кумановско доделено на локални моќници
КУМАНОВО - Дваесет хектари државно земјиште во кумановското село Пчиња, преку јавен тендер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е доделено на двајца привилегирани локални моќници, тврдат земјоделците од селото. Тие завчера со протест го изразија незадоволството и побараа од премиерот Никола Груевски да испрати луѓе на самото место за да се уверат во тендерските неправилности.
Протестираа околу шеесет засегнати земјоделци кои обвинија за канцелариска и нетранспарентна распределба на државното земјиште.
„Целата работа е завршена во седиштето на Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Куманово. Има семејство во селово кое дваесет години обработува делови од оваа парцела, а на државата плаќа соодветна закупнина. Зошто тие да немаат предност на распишаниот тендер“, прашува земјоделецот Зоран Митевски.
Тој тврди дека неколкуте декари што две децении ги обработувал претставуваат значајна ставка во приходите за опстанок на неговото семејство. Станува збор за земја од прва класа покрај реката погодна за раноградинарско производство.
„Правдата ќе ја бараме и со протести во Куманово и во Скопје. Меѓу нас има земјоделци кои имаат тапии или поседовни листови за сопственост на делови од овој комплекс обработлива земја. Никој нема право да располага со нашата сопственост“, коментира земјоделецот Дејан Трендафиловски. (Ст.Б.) |