ПЕЛАГОНИЈА
Се крие ли богатство во темелите на битолскиот градски часовник
Диви копачи ја демнат локацијата каде што општината реши да го постави споменикот на Филип Втори
БИТОЛА - Се крие ли богатство во темелите на градскиот часовник во Битола? Во битолската чаршија се шират муабети дека диви копачи ја демнат раскопаната локација каде што Општината реши да го постави споменикот на Филип Втори.
Наводно, трагачи по злато и артефакти го сардисале паркот кај градскиот часовник во Битола со верување дека во темелите се закопани драгоцености од турско време. Според шпекулациите, трагачите дење- ноќе го набљудувале теренот, па дури и со детектори за злато се обидувале да го лоцираат закопаното богатство, криејќи се од редарите на законот. Но, засега безуспешно, бидејќи плоштадот „Магнолија“, каде што се изведуваат градежните работи, никогаш не е осамена локација.
Гласиштата дека во темелите на градскиот часовник во Битола се кријат грниња со злато ги демантираат битолските археолози. Гордана Филиповска-Лазаревска, археолог во Заводот и музеј – Битола, вели дека во ниту еден пишан документ од истражувањата на овој терен или, пак, во записи од патеписци не сретнала ништо за закопано богатство. Покојниот археолог Томе Јанакиевски, истражувајќи ја локацијата, единствено наишол на делови од керамика. Филиповска-Лазаревска потврдува дека и градежните работници кои сега го копаат плоштадот не откриле ниту еден значаен предмет. (А.Б.) |