ПЕЛАГОНИЈА
Битола - Епинал 40 години пријателство
Кварт во францускиот град Епинал што го носи името на Битола
Амбасадорот во Франција Јон Ивановски, градоначалникот на Битола Владимир Талески и неговиот колега од Епинал Мишел Хеинриш пред квартот Битола
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Епинал - Во Битола, кварт во францускиот град Епинал што го носи името на македонскиот град, со свеченото подигање на заедничкиот јарбол на македонското и на француското знаме, до кои се веат и знамињата со грбовите на градовите Епинал и Битола, и интонирањето на националните химни на Франција и на Македонија, беше даден знакот за почеток на свеченостите за одбележување на 40-годишнината од збратимувањето на двата града. Подигањето ист јарбол на сите четири знамиња не е случајно, властите од Епинал со ова сакаа да ја покажат блискоста на врските што ги имаат со Битола, со Република Македонија. Во Епинал, во срцето на Вогезите, се користи само името Република Македонија или само накратко Македонија. Во рамките на одбележувањето на четириесетгодишнината пред француската публика се претстави битолската група „Фолтин“.
Претходно во Епинал од средината на ноември беше претставена изложба на фотографии од градот Битола, преку која епиналци можеа да се запознаат со градот на конзулите. Изложбата беше претставена во сите средни и основни училишта во градот, а инаугурацијата беше проследена со конференција на која вашиот известувач од Франција зборуваше за градот Битола и за Македонија.
Градоначалниците на Битола, Владимир Талески, и на Епинал, Мишел Хеинриш, со потпишувањето на Повелбата за пријателство меѓу двата града ја одбележаа 40-годишнината од односите официјализирани со Повелбата за збратимување меѓу Битола и Епинал во 1968 година. Врските на соработка и пријателство се темелат на длабоката почит меѓу двата народа, при што градоначалникот на Епинал во таа пригода не пропушти да ја нагласи длабоката благодарност на пријателите од Македонија за грижата во зачувувањето на спомените за француските војници загинати на македонска почва. Двата града се зближија во трагедијата од Првата светска војна, која засекогаш ги поврза двете земји. Но, од таа трагедија потекнуваат и врски што влијаат и на билатералните односи меѓу Македонија и Франција. Само да потсетиме на ангажирањето на поранешниот градоначалник на Епинал, Филип Сеген, на времето претседател на француското Национално собрание, во напорите за меѓународното признавање на Македонија. Актуелниот градоначалник на Епинал, Мишел Хеинриш, исто така, одигра голема улога во затоплувањето на односите меѓу двете земји.
Француските патописци на крајот од 19 и почетокот на 20 век ја опишуваа Битола како најзначаен економски и културен центар меѓу Виена и Солун. Битола преку врските со Епинал и неговата мрежа на збратимени градови (Швабишхал од Германија, Жамблу од Белгија, Киери од Италија и Нови Јичин од Чешка) очекува многу во враќањето на својот поранешен сјај и значењето што го имаше во регионот.
Во тој дух Битола, исто како и Епинал во почетокот на ноември, допатува во Франција со бројна делегација. Двата града имаа можност да разговараат и да се договорат за понатамошната културна соработка и акција.
Во Епинал имаше и плодна средба меѓу претставниците на економскиот и индустрискиот сектор од двата града. „Договараме директни, конкретни проекти, односно директна соработка. Договорена е исклучително важна соработка со Стопанската комора на Епинал што ќе ни помогне во делот на индустриската зона“, вели градоначалникот на Битола, Владимир Талевски. Притоа, тој инсистира на помошта што ја очекува од Епинал при апликациите за користење на европските фондови.
„Токму преку нашите пријатели од Епинал веќе сме во Европската унија“. |